ЕДЕН ОД ПОГОЛЕМИТЕ ЛАНЦИ НА МАРКЕТИ НЕ РАБОТЕЛ ДЕНЕС, А НЕМА ДА РАБОТИ НИТУ НА 7 ЈАНУАРИ (БОЖИЌ), ЗА ОСТАНАТИТЕ НЕМА ИНФОРМАЦИИ
Дел од маркетите работеа и денес, а дел се одважија и им овозможија слободен ден на своите вработени.
Редакцијата на Порталот Работник ги прелиста веб и фејсбук страните на поголемите ланци на маркети со цел да откриеме дали тие планираат да работат и на 7 јануари (Божиќ). Според она што го најдовме, од маркетите кои се застапени на речиси целата територија на Македонија, единствено само КАМ маркет нема да работи. Ланецот на маркети уште во петокот објавил дека денеска (1 јануари) и 7 јануари се неработни денови за сите маркети.
Информациите од терен пак, покажуваат дека поголемите маркети не работат и денес, што укажува на тоа дека истите се покажале како одговорни компании. Дополнително, поголемите ланци на маркети кои се распространети во одреден дел од државата нема да работат ниту на 7 јануари, додека еден од маркетите на фејсбук објавил дека ќе ја почитува Препораката на Владата и ќе работи за време на празниците.
Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, за Канал 5 изјавила дека нејзиниот став како министерка е дека државните празници се неработни за сите граѓани во државата, освен за оние каде со закон е дозволено поради процесот на работа.
„Државниот инспекторат за труд е инспекцискиот орган кој врши надзор за исплатата на дневниците за време на државните празници и ќе проверува дали соодветно се платени работниците“, рекла Тренчевска.
Порталот Работник во изминатиот период, односно од 28 декември кога Владата ја донесе Препораката за работа на празници, постојано пишува на оваа тема. Случувањата ќе продолжиме да ги следиме и понатаму.
За потсетување, и покрај тоа што имаше бројни реакции од јавноста да се повлече Препораката, Владата не го направи тоа.