ЗА ИСТА РАБОТА ЗЕМААТ ПОМАЛА ПЛАТА, НО НЕ ПРЕЗЕМААТ НИШТО ОКОЛУ ТОА: „Потребно е да се зголеми свеста“
Родов јаз во платите помеѓу жените и мажите или нееднаква плата за иста работа. Тема на којашто повремено се пишува, но проблем кој некако тешко се решава. Во Македонија нееднаквоста во платите на иста работна позиција помеѓу двата пола во најголем дел е застапена во приватниот сектор, каде одлуката за тоа кој колкава плата ќе зема е во рацете на работодавачот.
Според истражувањето на независната истражувачка организација „Реактор“ од 2022 година, родовиот јаз во платите изнесува од 18 до 19 %. Податоците се од независни истражувања, со оглед на тоа дека Државниот завод за статистика последните податоци за родовиот јаз ги објавил во 2014 година, а истите сугерираат дека тој изнесувал 9 процентни поени.
Во истражувањето се наведува дека „поинтригатно е тоа што оваа студија наоѓа дека кога ќе се земат предвид личните карактеристики и карактеристиките како работна сила (како што се образованието и работното искуство), родовиот јаз всушност се проширува, што имплицира дека диспаритетите кај платата отсликуваат перзистентна родово- базирана дискриминација на пазарот на работни места.“
Извештајот посочува и дека според Индексот на родова еднаквост што ги мери родовите нееднаквости во областа на финансиските ресурси и економската положба, Македонија е рангирана на третото место одзади меѓу земјите членки на ЕУ во доменот на пари.
Најголемиот дел од анкетираните земале помала плата за иста работа од машките колеги
Порталот Работник спроведе една кратка анкета за потребите на оваа статија. На неа одговорија 49 испитанички, од кои 67,3 % одговорија ДА на прашањето: „Дали на сегашното или на некое претходно работно место сте биле во ситуација за истата работа да земате помала плата од Вашиот машки колега?“
Најголемиот дел од испитаничките тоа го дознале од разговори со своите колеги, а во некои од случаите колегите се фалеле за тоа колкава плата земаат.
Праксата на нееднаква плата за иста работа не е ништо ново
Претседателката на Здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева за Работник истакна дека таа пракса ја има искусено и самата и дека не е ништо ново. „Разликата во висината на платите помеѓу мажите и жените за иста работа, со иста вредност, на исто работно место, за ист број часови е проблем кој е глобален. Но, најлошо е што колку земјите се покорумпирани, по неразвиени, со многу мала свест кај работниците и работничките за овој проблем, толку е поголем процентот на разлика во платите помеѓу мажите и жените“, рече Ампева.
Глобалните истражувања, објасни нашата соговорничка, покажуваат и дека оваа пракса е особено забележлива во приватниот сектор.
Работничките не преземаат ништо
Работничките се жалат на овој проблем, но не преземаат ништо. „Ние би реагирале доколку има официјална пријава за ова, но досега, тоа не е пракса, што секако е поразително“, посочи Ампева и додаде дека во земја каде што сѐ уште имаме исплати под минималец, откази на бремени жени, мобинг во најмизерен облик во 21 век, со толку институции платени да ги детектираат и решаваат овие проблеми, ние сме далеку од лобирање за иста плата за иста работа помеѓу мажите и жените.
Неодамна во интервју за порталот Работник, Драгана Дрндаревска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација рече дека во приватниот сектор се јавува голем проблем во однос на правата на еднаква плата за еднаква работа, што не е соодветно уредено во нашиот Закон. „Ова право не може да биде заштитено доколку немаме транспарентност на платите, што е дел од една посебна Директива на ЕУ“, рече таа.
Денеска (16-04-2024) ни стигна одговор од Валентина Дисоска, Претседателка на Здружението на Бизнис жени. Во него наведува дека дискриминацијата се решава со здраво размислување, недискриминациско, без разлика дали платите се видливи или не. „Компаниите треба да имаат процедури за недискриминирање и за известување по истото, за да не се соочат со дискриминација во доделувањето на плати. Видливоста (транспарентноста) на платите, од друга страна, може да има други последици по работниците и работодавачите, затоа треба да се остави самите да го решат тоа“, рече Дисоска.
Фото: MJgraphics / shutterstock