ИНТЕРВЈУ – Тасева го споделува своето искуство и дава совети за тоа како да станете фриленсер
Некои луѓе, без разлика на нивната возраст, се решаваат да започнат кариера како фриленсери, со цел да заработат повеќе пари. Денска ви носиме совети за тоа како да влезете во фриленсерските води. Низ советите ќе не води нашата денешна соговорничка, Славица Тасева, Советник за развој на кариера и тренер за меки вештини.
Што ми е потребно да знам пред да започнам кариера како фриленсер? Што треба да земам предвид пред да ја одберам областа во која сакам да работам?
Започнувањето кариера како фриленсер носи голема флексибилност и можност да работите во периодите од денот кога сте најпродуктивни, без разлика дали тоа е наутро, преку ден или навечер. Сепак, пред да се впуштите во овој начин на работа, важно е да се подготвите.
Првиот чекор е да размислите што ве интересира и што навистина сакате да работите. Фриленсерството бара самодисциплина и посветеност, па затоа изборот на област што ве инспирира и мотивира е клучен за долгорочен успех. Потоа, направете анализа на своите вештини кои веќе ги поседувате и кои вештини треба да ги надоградите. Доколку ви недостасуваат одредени вештини и способности, размислете за обуки, курсеви или менторство за да се подготвите подобро.
Следниот чекор е истражување. Погледнете како работат искусни фриленсери во вашата избрана област, кои платформи ги користат и како доаѓаат до клиенти. Ова ќе ви помогне да создадете реална слика за можностите и предизвиците што ве очекуваат. Откако ќе ги соберете сите потребни информации, направете план како ќе започнете, каде ќе ги презентирате своите услуги, како ќе градите портфолио и како ќе воспоставите контакти со потенцијални клиенти.
Најважно од сè е да направите прв чекор и да се охрабрите да пробате. Фриленсерството нуди бројни можности, но и предизвици, па затоа е потребно трпение и истрајност. Дури и ако подоцна сфатите дека овој начин на работа не ви одговара, секогаш можете да се вратите на традиционалниот начин на работа со нови стекнати вештини и искуства. Кога работите нешто што навистина го сакате, успехот е неизбежен без разлика што работите!
И јас започнав како фриленсер за време на ковид кризата. Моето фриленсерство прерасна во бизнис. Во суштина беше тест период пред да ја основам компанијата. Имав back up план ако не успеам во текот за одреден временски период, секогаш можам да се вратам на пазарот на труд и да најдам работа.
Со какви тешкотии најчесто ќе се соочувам на почетокот како фриленсер? И како да ги надминам истите?
Започнувањето фриленсерска кариера е возбудлив, но и предизвикувачки процес. На почетокот ќе се соочите со неколку тешкотии, како што се: стекнување на први клиенти, финансиска несигурност, како да останете мотивирани и организирани, која е соодветната цена на вашиот труд и слично. Многу наликува на процесот на барање на прва работа и вработување.
Со правилен пристап, овие предизвици и тешкотии можат успешно да се надминат. Еве неколку начини како да се справите со нив:
За да ги најдете првите клиенти започенете со правење на портфолио со сопствени проекти. Дури и ако немате искуство, создадете содржина што ќе ги прикаже вашите вештини и пријавувајте се на мали проекти за да стекнете искуство и препораки. Користете ги платформите како Upwork, Fiverr и LinkedIn за да стапите во контакт со потенцијални клиенти. Бидејќи фриленсерството на почетокот може да биде финансиски нестабилнао би препорачала да започнете додека сѐ уште имате друг извор на приходи и креирате финасиски резерви барем за три до шест месеци. За да останете мотивирани и организирани проценете колку реално време за работа ви е потребно и создадете јасен распоред на работа. Избегнувајте одвлекување на вниманието. Кога работиме сами, а особено од дома многу е лесно вниманието да ни биде одвлечено и сѐ друго да е повежно од работата. Користете дигитални алатки за подобро планирање. За одредување на соодветната цена на вашиот труд, истражете ги пазарните цени во вашата индустрија, одредете го нивото на вашите вештини и вежбајте преговарање кое ќе ви користи со клиенти кои нудат премногу ниска цена.
Како и за секоја друга работа имајте јасна цел и бидете подготвени на предизвиците и тешкотиите да гледате како дел од процесот на раст и развој.
Дали е доволно, на пример ако сакам да работам како фриленс креатор на содржини (content writer), самиот да учам од бесплатните ресурси достапни на интернет или сепак ќе морам да имам сертификат од обука?
Секое знаење и вештина се корисни и драгоцени без разлика на кој начин се стекнати и дали имаме или немаме сертификати. Самото работење ќе покаже што и во која мера умееме да го работиме. Треба да имаме на ум дека само со употреба и пракса, стекнатото знаење станува вештина. Колку повеќе нешто вежбаме и работиме толку подобри стануваме и ги унапредуваме нашите вештини во одредени области.
Сертификатите не се секогаш неопходни, но можат да ви помогнат да изградите кредибилитет, особено ако сте почетник. Некои клиенти ќе ви ги побараат, но уверена сум дека најважно е да ги уверите што знаете и умеете да работите, а во испораката на работата тоа и да го докажете.
На што морам најмногу да обрнам внимание во CV-то за потенцијалниот клиент да ме избере да соработувам со него?
Кога подготвуваме CV за фриленсерска работа, као што го прилагодуваме CV-за конкурсите за работа, во случајов мора да го прилагодиме на клиентите и нивните потреби. Разликата во однос на огласите за работа е тоа што тука клиентите бараат конкретни вештини, способности и резултати да се исполнат специфични задачи. Фокусирајте се на вашите вештини и експертиза, вклучете линкови до ваши проекти, препораки и фидбек од клиенти. Покажете дека разбирате како да ги исполните потребите на клиентите запомнете дека вашето CV треба да биде персонализирано за секој проект за да ги зголемите шансите за успешен избор.
Што би им порачале на оние кои сакаат да станат фриленсери, но сметаат дека не се доволно компетентни?
Ако сакате да станете фриленсер, но се сомневате во вашата компетентност, знајте дека сите успешни фриленсери некогаш биле на ваше место. Ако чекате совршен момент за да имате совршени вештини, способности и/или портфолио можеби никогаш и нема да започнете. Единствениот начин да станете компетентни е да започнете. Започнете со она што веќе го знаете, учете и надоградувајте се додека работите.Прилагодувајте се и верувајте во сопствениот напредок. Секој експерт некогаш бил почетник, што останал дисциплиниран и упорен во намерата и работата.
- КАКО ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊЕТО „КОЛКАВА ПЛАТА ОЧЕКУВАТЕ?“ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА – ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ НА ИЗАБЕЛА ШКОФ, СОВЕТНИК ЗА РАЗВОЈ НА КАРИЕРА [Видео интервју] - 17/04/2025
- МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТНИЦИ СЕ ВИСОКО АНГАЖИРАНИ, НО МНОГУ ГНЕВНИ: Состојбата во Европа со ангажираноста на вработените со акцент на Македонија - 13/04/2025
- ЕДНО ПРАШАЊЕ: КАДЕ ДА ПРИЈАВАМ МОБИНГ? - 10/04/2025