Светот на работникот

Што е потребно за да се биде професионален фотограф?

Бобан Илијевски

Во време кога скоро секој човек има пристап до смартфон, речиси сите на еден начин стануваат фотографи. Сепак, треба да се земе во предвид разликата помеѓу аматер – фотограф и професионален. Тоа значи дека не секој што има добра камера на мобилниот телефон, може да биде и професионален фотограф, бидејќи како и за сите други професии и за оваа потребно е да се усовршат низа на вештини и практики.

Што е фотограф?

Фотографот е обучен професионалец кој прави фотографии употребувајќи камера, специјални светла и други алатки. Професионалните фотографи поминуваат низа на обуки за да се стекнат со потребните вештини и знаења. Тоа е еден долг процес кој бара постојана работа и постојана желба за учење и усовршување на техники за фотографирање.

Фотографите можат да работат и како хонорарци, за себе или за фотографско студио.

Фото: Freepik
4 категории на фотографи

Фотографите можат да се поделат на повеќе категории, но ова се четирите основни:

  1. Комерцијални фотографи

Комерцијалните фотографи работат за одредени компании и често прават фотографии од продукти за каталог, веб страни или за други цели. Тие исто така може да поседуваат фотографски студија или да работат за нив, чиј фокус е правење на портрети или фотографирање на свадби.

  1. Модни фотографи

Модните фотографи се слични на комерцијалните, во делот на правењето на фотографии за промоција на производи, но нивниот примарен фокус е модната облека. Тие работат со професионални модели, со цел да создадат гламурозни фотографии.

  1. Фоторепортери

Фоторепортерите работат за весници, магазини или интернет портали со цел да направат новинарски приказни. Некои од нив патуваат низ светот и фотографираат воени сцени, додека други работат за локални медиуми. Има и такви кои се специјализирани во спортска фотографија и фотографирање на славни личности или популарно наречени папараци.

  1. Fine art фотографи

Оваа категорија на професионалци вообичаено се фотографи „надвор од должност“ и можат да бидат комерцијални, модни ли фоторепортери кои прават фотографии со цел да разбудат одредени емоции или да раскажат приказна која има поголема социјална апликација од комерцијална. Тие ги продаваат своите фотографии, но во fine art галерии. Тоа значи дека не им се плаќа за фотографирање на продуктот, туку нивната работа се проценува врз основа на композициските и уметничките мери на делото.

Какво образование е потребно за да се стане фотограф?

Образованието за фотографија не е морално, но е пожелно. Има многу фотографи коишто самите се имаат научено како професионално да прават фотографии. Сепак, доколку сакате да имате академска позадина во оваа уметност, тоа можете да го направите со тоа што ќе се запишете на некој од факултетите каде што се нуди фотографијата како насока. Исто така, можете и да се запишете на некој онлајн курс, каде што по завршувањето на истиот, ќе добиете сертификат. Можностите се огромни. Најуспешните фотографи во Македонија доаѓаат од факултетот за ликовни уметности. Дел од нив работат и како фоторепортери.

Вештини кои треба да ги поседува еден фотограф
  • Фотографско око

Ова е вештина која фотографите ќе ја развијат со текот на времето. Речиси е невозможно да се дефинира што е она што го прави вашето око подобро или полошо од окото на некој друг, но обучените и искусни фотографи имаат способност да препознаат потенцијал на одредено нешто од кое би можело да произлезе феноменалната фотографија.

  • Фотошоп

Правењето на одлична фотографија е едно, но нејзиното процесирање може да ја претвори во специјална. Фотошоп е алатка која е стандард во индустријата и се користи за манипулацијата на фотографиите. Таа овозможува да се зголеми или намали светлината, контрастот, острината, да се манипулира со бојата итн. Со фотошоп алатката можат да се отстранат и елементите во позадина на фотографијата кои го одвлекуваат вниманието.

  • Тајминг

Ова е од особена важност во фоторепортерството. Без разлика дали фотографирате спортски настани или следите славна личност, треба да имате сенс за тоа кога можете да ја направите најдобрата фотографија.

  • Технички вештини

Секој фотограф треба да го совлада балансот помеѓу ISO (сензитивноста на камерата на светло), shutter speed (должината на времето во кое внатрешниот дигитален сензор на камерата е изложен на светлина) и f – stop (бројка која ја покажува камерата кога ќе се смени отворот на леќата). Исто така ќе треба да ги знаете и спецификите на вашата дигитална камера, како и нејзините предности и слабости.

Нема замена за интуицијата за правење на добра фотографија, но нејзините технички аспекти диктираат како светлината ја креира фотографијата во вашата камера.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk