Колумни

Како тоа одеднаш дишиме чист воздух?

Како тоа одеднаш дишиме чист воздух? - Работник
783views

Автор: Бобан Илијевски

Последнава недела се изнаслушавме афери во однос на употреба на отпад за гориво во некои фабрики во Македонија. особено во град Скопје. Имаме запленети  камиони со отпад кој треба да се користи како енергенс во фабриката УСЈЕ на граничниот премин Богородоца. Имаме афера со внесување токсичен отпад во Р.Бугарија од фирма во сопственост на екс директорот на Дрисла. Имаме афера со “Еко клуб”дека недодветно складирала медицински отпад. Имаме протести за чист воздух. Имаме нов Закон за увоз на отпад.  И сега се прашуваме дали поради лични профити на одредени моќници ние дишевме токсичен воздух. Но, не е прашањето тоа туку зашто јавното обвинителство молчеше и зашто сеуште молчи. Никој ама баш никој не е должен да се труе поради личен профит на одредени моќници.

Има дилема дали временските услови се подобрија изминативе денови или некој беше фатен на дело па се исплаши, па воздухот наеднаш се расчисти. Ако е првото треба да се заблагодариме на Бога, а ако е второто некој треба сериозно да одговара за загрозување на нашето здравје и живот. И не само ова, туку нарадот, граѓаните на оваа држава да преземат радикални мерки поради ваквите манипулации. Без разлика кој и да е во прашање, без разлика на тоа на која политичка партија и припаѓа, треба да се изведе пред суд и да му се пресуди ригорозна казна. Тој поединец или таа група кои се вмешани во овие афери, доколку се осудат согласно законот, ќе бидат пример за следните кои ќе помислат да се обидат да профитираат на сметка на здравјето на граѓаните.

Имено, на 6 февруари новинаската агенција „Инфомакас“ повикувајќи се на информации од страна на порталот „Плусинфо“ објави дека двете најголеми политички партии во државата се напаѓаат околу тоа кој е виновен за ужасниот отпад на Дрисла, помеѓу кој биле остатоци од човечки органи, медицински шприцеви и отпад од кој течела крв. Повикувајќи се на информациите од Плусинфо, Инфомакс вели дека „бизнис играчот на Груевски“ направил добар трансфер во тимот на Заев. Така, „Еко клуб“ со Јавното претпријатие за државни патишта на Република Македонија склучило договор за косење трева, плевел, грмушки, сeчење дрва и слични активности, за период од две години. Вкупната цена на услугите изнесува 70,8 милиони денари. Потписник на договорот од страна на јавното претпријатие е директорот Зоран Китанов. Договорот е склучен на 16 август 2019 година под архивски број 08-56340/40.., пишува Инфомакс. На истиот линк може да се види и договорот за јавната набавка.

Инфомакс пишува и дека на 13 јануари годинава, Медицинскиот факултет од Скопје склучил договор со истата форма, под архивски број 05-5135/3, за подигање, транспортирање и согорување мeдицински отпaд во период од две години. Вредноста на договорот е 2.277.400 денари. Од страна на Медицинскиот факултет потписник е деканот проф. д-р Соња Топузовска, додавајќи дека претходно, на 25 октомври 2019 година, Министерството за одбрана, предводено од Радмила Шеќеринска, првата соработничка на Заев, исто така склучила договор со битолската фирма „Еко клуб“, под архивски број 256/19, во вредност од 300.000 денари, исто така за собирање, транспорт и третман на мeдицински oтпaд. На крајот Инфомакс прашува, зошто и кадрите на оваа власт склучувале договори со оваа фирма, доколку тие биле спорни. Тука не „штима“ нешто, нели?

Овие докази на Инфомакс кои се преземени од Плусинфо, покажуваат дека очигледно некој профитира од целата оваа ситуација. Истиот тој (иако јас лично не верувам дека ќе биде така), треба да се донесе пред лицето на правдата и да му се досуди најголемата можна казна за труење на народот.

Обвинителството води истрага за оваа афера, но ќе видиме дали и кога нешто ќе излезе на виделина. Според мене, доколку излезе некој доказ кој ќе покаже кој профитирал од целата оваа ситуација, тоа ќе биде после предвремените парламентарни избори, од причина што сега малку сме во „стегнат “ период. Лично, се надевам дека ова ќе се расчисти на време. Ајде веќе еднаш на граѓаните во нашиот главен град, па и нашата држава да им се овозможи да дишат чист воздух. Фатете се веќе за работа и работете како што треба, а не како што ви одговора.

Во врска со протестот пред фабриката Усје, сметам дека истиот е оправдан, затоа што граѓанските организации кои се бават со оваа проблематика сметаат дека оваа фабрика е виновна за загаденоста на воздухот. Јас, во мое име не можам да кажам ништо (од проста причина што не сакам да клеветам никого, без да имам за тоа конкретни докази). Она што е мој став во врска со овој мачен проблем е дека истиот треба убаво да се испита. Мислам дека би требало да се ангажираат (неутрални) странски експерти кои би оцениле дали Усје загадува или не и дали отпадот кој се увезува од Бугарија има токсичност над дозволеното ниво. Се додека наши внатрешни експерти испитуваат, сметам дека нема да успееме да најдеме одговор. Зошто? Епа или ќе бидат притиснати да молчат или ќе бидат поткупени. Народот свесен е кај нас како функционираат работите. Бројните протести и јавните пораки да се преземе нешто конкретно и функционално во врска со загадувањето се доказ за тоа.

И, наместо да има постојани партиски препокувања, мислам дека треба побрзо да се реагира и да се расчисти отпадот во Дрисла. Препукувањата нема да го расчистат отпадот, туку само имнетното дејствување.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник