Канадската Магна ќе вложи 40 милиони евра и ќе отвори нови 600 работни места

Канадската компанија Магна Интернешнл Инк. која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот, ќе отвори нова фабрика во ТИРЗ Штип, најави премиерот Димитар Ковачевски.

Ова е првата голема странска инвестиција во оваа зона, но компанијата веќе има една инвестиција во ТИРЗ Струга, за производство и склопување на ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија.

-Во ТИРЗ Штип, компанијата ќе отвори нова фабрика каде тест производство се планира да биде годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година – објасни Ковачевски, истакнувајќи дека со политиките што ги креира Владата, се создава подрачје за безбедно инвестирање, а со тоа се создаваат услови за нои добро платени работни места.

-Нашите граѓани заслужуваат европски услови за работа и европски плати. Остануваме фокусирани на приоритетите, на квалитетниот живот на граѓани и растот на економијата -, рече премиерот.

Ковачевски потенцираше дека Северна Македонија може уште повеќе да напредува и да се развива, а таква можност препознаваат многу странски етаблирани компании на светско ниво и одлучуваат да инвестираат во државата.

-Технолошки-индустриските развојни зони, 2022 година ја завршија со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции, а во октомври лани се надмина и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година -, истакна премиерот.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ истакна дека 2022 е најуспешната година досега. Она што е исто така важно е дека за секој денар исплатена поддршка од државата во буџетот се враќаат 4, потенцира Деспотовски.

-Магна мехатроникс станува дел од семејството на ТИРЗ. Годинава ја започнуваме со нова инвестиција од 40 милиони евра која во првата фаза ќе донесе 600 нови работни места. Она што е важно е дека минатата година извозот на компаниите во Зоните, достигна највисоко ниво од 3,7 милијарди евра односно 25 отсто над највисоката точка која ја достигнавме во 2021. Годинава ја завршуваме и со нето ефект на извозот и увозот од над 10 проценти. Тоа се пари кои се останати во домашната економија. Првичните пресметки велат дека 40 проценти од овие средства се останати и во буџетот и во џебот на над 16.300 наши сограѓани кои работат во овие компании. Само во 2022 имаме над 2.300 нови работни места.

Извештајот на Државната ревизија за зоните е прв по 12 години, а што е најважно нема констатирани злоупотреби во работењето, смета Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

-Точно е дека законски мора да имаме Стратегија за привлекување странски инвестиции, но јас лично сметам дека и без неа, добро работиме. Подготвуваме сериозна реформа во овој сегмент. Се работи на Единствен национален инвестициски сервис, а се подготвува и новата методологија за доделување на државната помош – најави Деспотовски.

Тој истакна дека нема да се раскине договорот за Јавно-приватно партнерство со операторот на ТИРЗ Тетово, но дека ќе се направи ревизија на сите елементи на договорот.

-Овој договор е на 99 години и е склучен пред 10 години. Во соработка со странскиот партнер ги разгледуваме сите елементи и ќе направиме измена на договорот за ЈПП – објасни Деспотовски.

Секако дека постои потенцијален ризик за да се најдат доволно работници и тоа им е познато на инвеститорите, потенцира Деспотовски, разјаснувајќи ја дилемата каде во Штип ќе се најдат 600 нови работници, во ситуација кога компаниите секојдневно го потенцираат проблемот со одлив на кадри.

-Тоа е предизвик за секој инвеститор особено поради иселувањето на младите, но сметам дека имаме доволно работници. Ова е и поттик за зголемување на платите – додаде Деспотовски.