Катастрофални загуби: Автомобилскиот гигант Нисан затвора дури седум фабрики
Јапонскиот производител на автомобили Нисан се соочува со сериозна криза, откако во изминатата фискална година забележа загуба од 4,5 милијарди долари, што предизвика бурни реакции кај акционерите на годишното собрание одржано во Јокохама.
Ова беше прво собрание под раководство на новиот извршен директор Иван Еспиноза, кој во април ја презеде функцијата од Макото Учида. Акционерите изразија длабоко незадоволство од досегашното раководење, остро критикувајќи го падот на вредноста на акциите за околу 36 проценти во последните 12 месеци, како и одлуката за откажување на исплатата на дивиденди.
Ситуацијата дополнително се влоши со најавените проекции за уште еден голем квартален губиток од 200 милијарди јени (околу 1,38 милијарди долари), без јасна прогноза за целата година. Во обид да ја стабилизира ситуацијата, Еспиноза претстави план за драстични мерки, кој предвидува затворање на седум фабрики и отпуштање на 20.000 работници, што претставува приближно 15 проценти од вкупната работна сила на компанијата.
Овие мерки предизвикаа дополнително незадоволство кај акционерите, кои ја обвинија управата дека товарот на кризата го префрла врз работниците, додека истовремено ги задржува своите привилегии и позиции. Беа упатени барања за реформи во управниот одбор со цел повторно да се изгради доверба меѓу акционерите и вработените.
Дополнително, Нисан беше критикуван и поради структурата на корпоративно управување, која вклучува таканаречени односи „мајка-компанија – ќерка-компанија“, што често води до недоволна транспарентност и неповолна положба за малцинските акционери. Ова прашање станува сѐ поактуелно во Јапонија, каде се бара од компаниите да направат поголеми напори за одговорно и фер управување.
Извор: b92.net

