ИнтервјуаНовости

Кои работни места први ќе бидат заменети од вештачката интелигенција?|Интервју со Стојанчо Туџарски, експерт за вештачка интелигенција

   Време за читање 5 минути

Вештачката интелигенција и нејзиното влијание на работните места беше тема на интервјуто кое го направивме со експертот за вештачка интелигенција, Стојанчо Туџарски. Со него разговаравме за тоа во која фаза на развој е вештачката интелигенција, дали во целост се ќе замени одредени занимања, кои работни места би биле први на удар и на други прашања.

Работник: Во која фаза на развој моментално е вештачката интелигенција? 

Туџарски: Крајот на 2022 означи пресврт во развојот и користењето на вештачката интелигенција со појавата на ChatGPT. За првпат човештвото доби алатка која знае повеќе од било кој човек на планетата, и може да одговори на скоро секое поставено прашање, а одговорот се наоѓа во текстовите собрани до моментот кога почнало тренирањето на ChatGPT. 2023-та помина во усовршување на оваа алатка и давајќи и можност да одговара на прашања поврзани со покажана слика, т.е. додадена мулти-модалност. Се појавија и автономни агенти кои користејќи го ChatGPT како алатка за добивање одговор на поставено прашања, и даден пристап до Google, можат не само да одговорат на поставени прашања, туку и да испланираат план за некоја акција, да оптимизираат чекори како да се стигне до некоја цел, и некои други работи за кои на луѓето би им требало многу месеци анализа. Накратко, во моментот се истражуваат границите до кои може да се оди со технологијата која ја створи ChatGPT.

Работник: Како вештачката интелигенција ќе влијае врз работните места? Дали во целост ќе замени одредени занимања? Дали можеби ќе предизвика некои од нив да бидат укинати и да се создаваат нови? Колку е веројатно тоа да се случи во блиска иднина?

Туџарски: Вештачката интелигенција е попаметна од било кое човечко суштество на планетата. Причина: ако ја прашате било што, таа ќе Ви даде одговор базиран на целокупното човечко творештво, сите книги, се што се има појавено на Интернет. Но, таа халуцинира, односно повремено дава погрешни одговори. Причините за тоа се од техничка природа, доколку не и дадеме шанса да халуцинира таа нема да функционира. Токму тука лежи причината зошто не смееме се‘ да оставиме во рацете на вештачката интелигенција, туку мора за било кој нејзин одговор/чекор/акција прво човек со соодветна компетентност да ја провери. 

Работник: Кои работни места би биле први на удар на вештачката интелигенција? Дали можеби оние во фабриките или автомобилската индустрија, односно производствените процеси?

Туџарски: Работните места во производствените процеси се најдалеку од замената со вештачка интелигенција. Во моментот, вештачката интелигенција каква што е денес, се покажа исклучително успешна во замена на луѓето во обавување на повторливи умствени активности. Ова ги прави заменливи скоро сите white-collar професии, т.е. професиите кои се извршуваат од канцеларија. А, први на удар се рекламните агенции и дизајнерски студија. Онаму каде што порано требаше тим од 10 луѓе да испланираа рекламна кампања и да ја оформат со соодветни текстуални и графички материјали, во тек на неколку недели, сега ова може да биде завршено од еден или двајца луѓе во рок од пар денови, со користење на CharGPT и MidJourney алатките, и избирајќи еден успешен помеѓу 20 нивни одговори/барања за генерирање на некаква текстуална или графичка содржина.

 Работник: Колкав е потенцијалот на вештачката интелигенција да создаде нови работни места? 

Туџарски: На жалост, не можам да видам такво нешто. Порано појавата на нови технологии ги пренасочуваше луѓето кон нови занимања. Денес, како да веќе се е пополнето од машините.

Колку е важно уште од сега да започнеме да се запознаваме со вештачката интелигенција и да учиме да ги користиме новите алатки базирани на неа, како што е на пр. ChatGPT? 

Туџарски: ChatGPT е алатка која ја користат сите, почнувајќи од децата во основно, па до средновечни луѓе во канцеларија извршувајќи ги своите работни задачи. Таа е тука и ќе остане, и ќе станува се помоќна и помоќна, заменувајќи се повеќе и повеќе човечка умствена активност. Знаењето како правилно да се употреби, и уште поважно, да се биде свесен за нејзините ограничувања (халуцинации) е од исклучителна важност за било кој вработен. Бидејќи, оној кој не ги познава новите технологии ќе биде секако помалку продуктивен од некој кој знае.

Фото: Приватна архива

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера