Луѓето не аплицираат на огласите за работа оти мислат дека нема да добијат никаков одговор (АУДИО)

Дали некогаш ви се има случено после интервју за работа да не добиете никакво известување од работодавачот за тоа дали сте примени или не на позицијата за која сте аплицирале? Претпоставката е дека да, бидејќи има голем дел на работодавачи коишто не го практикуваат тоа.

Катерина Златановска – Попова, советник за развој на кариера, неодамна во Работник Поткаст даде потврден одговор на горенаведеното прашање.

Катерина Златановска Попова – Советник за развој на кариера 

Таа рече дека многу мал број работодавачи испраќаат известување до апликантите кои не се избрани за работната позиција.

Сметам дека тоа треба да се смени што е можно поскоро, бидејќи сите ние сакаме да знаеме на што сме; не сакаме да живееме во неизвесност и сметам дека треба да стане дел од деловната култура. Како што се поставуваат условите за младите кои аплицираат за работа, така и компаниите треба да бидат фер и да ги известат за исходот, особено ако влегле во потесниот круг и биле дел од регрутацијата со интервју“, рече Златановска – Попова.

 

Професионалците од областа на човечките ресурси пак, велат дека законска и морална обврска му е на работодавачот да го извести неизбраниот кандидат за работа.

Билјана Чкламовска, Legal/HR Manager, цитирајќи го член 27, став 1 од Законот за работните односи вели дека работодавачот мора во рок од пет работни дена од денот на склучувањето на договорот за вработување писмено да го извести кандидатот кој не е избран дека не е избран и кој кандидат е избран и да му ги врати сите документи што му ги доставил како доказ за исполнување на бараните услови за работа.

Билјана Чкламовска – Legal/HR Manager

Според Чкламовска, многу луѓе кои аплицирале на одредена работна позиција не биле повикани на интервју, а често се случува и да не им биде испратено ниту известување за тоа дека не влегле во првичната селекција.

Додаде дека „уште потажно е што и оние среќници кои биле интервјуирани, чекаат известување, што најчесто се случува ако се избрани, но ако не се избрани, во најголем број случаи, чекањето е бесконечно, а известувањето никогаш не стигнува“.

Ретки се компаниите што им испраќаат известување на кандидатите, а тоа е застрашувачко сознание, нагласува Чкламовска.

Таа се осврна и на честата реченица која ја користат некои од работодавачите во огласите а која гласи: „Само кандидатите кои ќе бидат селектирани, ќе бидат контактирани“. Објасни дека свесно не ја извршуваат законската обврска, правдајќи се дека имаат премногу апликации за една работна позиција и дека праќањето на известување на секој неизбран кандидат ги чини многу време.

Не разбирам, толку ли е тешко да се напишат две реченици: ,,Ви благодариме што аплициравте на нашиот оглас, за работното место тоа и тоа, но избравме друг кандидат. Ве охрабруваме повторно да аплицирате на некој наш следен оглас” и да се испрати на сите, подвлече Чкламовска.

Таа посочи дека токму поради ова, луѓето се откажуваат од намерата да аплицираат на отворените огласи за работа.

Фото: Feepik

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.