Младите да бидат активно вклучени во носењето на одлуки – Клубот на млади пратеници и ИДУЕП во заедничка посета на Валандово

Конкретни младински иницијативи и заложба за нивно финансирање, амандмански предлози и други законодавни иницијативи, како и симулации на собраниски активности како практична настава за учениците се само дел од идните активности кои Локалниот младински совет ќе ги достави до Општина Валандово од каде ќе бидат упатени за реализација до законодавниот дом – овие заклучоци беа во фокусот на иницијативата „Младите во фокусот“, во организација на Клубот за младински прашања и политики во Собранието и Институтот за добро управување и евроатлански перспективи (ИДУЕП), а во соработка со Општината.

Пратеничката Моника Зајкова, која е координаторка на Клубот на младински прашања и политики во Собранието во кој членуваат пратеници до 35 години од различни политички партии посочи дека оваа инцијатива има за цел да ја доближи законодавната до локалната власт, како и да поттикне иницијативи и соработки кои произлегуваат од младите луѓе и граѓанските организации кои се активни на локално ниво.

„Ги ставаме младите во фокусот бидејќи тие се важен дел во креирањето на политиките, а разговараме и за тоа како во пракса функционира Законот за млади. Истовремено, го поттикнуваме и процесот на дигитална трансформација бидејќи токму дигитализацијата се покажа дека може да реши многу отворени прашања и проблеми во општеството. Неопходно е да ги слушаме младите луѓе, да ги спроведуваме нивните активности, но што е многу поважно, да најдеме многу повеќе конкретни начини за нивно вклучување во процесите на носење на одлуки во законодавната, извршната и локалната власт“, вели Зајкова.

Таа потенцираше дека собранискиот Клуб за младински политики е отворен и стои на располагање за сите отворени иницијативи бидејќи е натпартиско тело кое како главен приоритет ги става младинските интереси и прашања.

Градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов, ја поздрави оваа иницијатива посочувајќи дека градењето на партнерства и соработки со институциите и граѓанскиот сектор е еден од приоритетите на општината, како и дека Општината во континуитет покажува дека младите и дигитализацијата се во фокусот на нивното работење.

„Со назначувањето на службеник за млади започна имплементацијата на законските решенија во рамки на Општина Валандово. Формиран е и Локалниот младински совет кој е и финансиски поддржан од страна на локалната самоуправа, а исто така веќе две години е отворена и Инфо точка за младинска соработка со Република Грција која ја реализираме во соработка со Младинскиот сојуз. Во делот на дигиталната трансформација е овозможено аплицирање за субвенции по електронски пат, се применува дигиталната алатка ‘мЗаедница’, а неколку години постои и можност за дигитално планирање на општинскиот буџет и доставување на предлози во рамки на онлајн граѓански форуми“, објасни Костадинов.

Градоначалникот истакна дека дигитализацијата не смее да се наметнува, туку треба да биде право на избор за секој граѓанин, а најави и скоро воведување на можност за електронско плаќање на даноци.

Охрабрува фактот што веќе имаме заедничка посета на втора македонска општина, а јасно се гледа дека како натпартиски приоритет се ставаат младите и дигитализацијата, рече Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма во рамки на Институтот за добро управување и евроатлански перспективи.

„Носителите на јавни функции е потребно на вакви важни теми да разговараат со единствена цел да ги подобрат условите за живот и работа на младите, како и да остварат одржлива дигитализација од интерес за целото општество. Партиските теми треба да се вратат онаму каде што им е местото, меѓу политичарите и тоа само како борба на концепти, идеи и предлози. Расте и бројот на поддржувачи и учесници во рамки на заедничката иницијатива која ја имаме со собранискиот Клуб за младински прашања што охрабрува да продолжиме со нејзината реализација и инклузивна улога“, вели Кордалов.

Во рамки на иницијативата „Младите во фокусот“, беа остварени средби и со советници од Советот на општина Валандово од различни политички партии, одговорните лица од општината за млади и дигитализација, како и претставници и претставнички на младински организации кои се активни во Општината.

Беше одржана и интерактивна обука наменета за младите луѓе од Валандово на тема „Info vs. Disinfo“, а во рамки на Проектот „Градење на отпорност кон дезинформациските практики” кој го спроведува Евро-Атлантскиот Совет со поддршка на НАТО секторот за јавна дипломатија и ИДУЕП.

Иницијативата „Младите во фокусот“ има за цел зајакнување на соработката помеѓу Собранието и единиците на локалната самоуправа, со вклученост и на граѓанскиот сектор, а првенствено во интерес на подобрување на положбата на младите луѓе во општеството, како и процесот на дигитална трансформација кој е од интерес на сите граѓани. Првата активност во рамки на иницијативата беше реализирана во соработка со Општина Охрид

Оваа иницијатива е дел од заложбите на собранискиот Клуб за млади пратеници за преземање на конкретни активности со цел вклучување на младите луѓе во општествените текови, како и нивна консултација и вклучување во процесот на носење одлуки од страна на јавните институции. Истовремено, иницијативата е дел и од соработката на Клубот со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) за вклучување на општините во заеднички активности кои имаат за цел поставување на дигитализацијата како натпартиски и национален приоритет, односно директна потреба и барање на младите луѓе од целата земја.