- Advertisement -
НовостиПравда

МОН: Новата концепција е рамката на основното образование, заеднички ја подготвуваме со сите засегнати страни

МОН: Создадени се услови - Работник
156views

Секоја новина предизвикува неизвесност од непознатото, така и најавата за воведување на целосно нова концепција за основно образование предизвика грижи за она што ни претстои. Oбврска на Министерството за образование и наука е да понудиме појаснување што точно ќе значат темелните реформи, да ги слушнеме размислувањата на сите вклучени чинители во овој процес и заеднички да донесеме одлуки кои се во најдобар интерес на децата.

За таа цел, Министерството за образование и наука подготви презентација со појаснувања за некои од грижите коишто ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците за најавената нова концепција за образование.

Како што и претходно веќе информиравме, воведувањето на наставниот предмет општествени науки не значи дека се укинува  наставниот предмет историја, туку содржините од него стануваат задолжителен дел од интегрираната наставна програма. Преку интегрирање на содржини од историја, граѓанско образование и географија, наставниците по овие предмети продолжуваат да работат во училиштето, но сега заеднички ја планираат наставата, ги поврзуваат општествените појави и процеси, а учениците ги учат од различни перспективи. Исто така, концепцијата за основно образование ја дава „рамката“ според која се планира основното образование и  документ не ги брише содржини од наставните предмети, ниту пак предвидува менување на содржините од предметот историја. Изработката на поединечните наставни програми ќе следува по развојот и прифаќањето на Концепцијата. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието.

Интегрираните наставни програми позитивно влијаат на постигањата на учениците и им овозможуваат да го користат наученото и надвор од границите на определен предмет, да го користат своето знаење креативно и да развијат критичка мисла и ефективни стратегии за учење. 

Интегрираните предмети не се новина во образованието во светот, ниту во нашиот образовен систем (таков пример е предметот природни науки до шесто одделение). Многубројни истражувања покажуваат дека интегрираните наставни програми им помагаат на учениците да ги согледаат врските помеѓу различни природни и/или општествени појави, да го поврзат тоа што го учат со секојдневието и да развијат вештини за доживотно учење. 

Концепцијата за основно образование не го одредува бројот на наставници. Но, направените анализи укажуваат дека сите наставници остануваат на работа, бидејќи севкупниот  број на часови во наставниот план не е намален.   

Со предвидените слободни изборни предмети, наставниците имаат слобода и можност да ја искористат својата креативност во изработка на наставни програми за изборните предмети, според интересите и барањата на учениците. 

Со новата концепција иако бројот на часови за уметничко образование е намален во споредба со фонд на часови за музичко и ликовно образование, сепак преку слободните изборни предмети учениците кои покажуваат афинитет и талент за уметностите имаат можност да се определат и изберат „модул“ од уметностите во текот на сите одделенија на основното образование. Дополнително, Концепцијата предвидува задолжителност и на воннаставните активности, кои исто така нудат програми  и активности за развој на уметничкиот талент и наобразба кај учениците. 

Ефективно поминатото време на училиште, во кое учениците се активно ангажирани во комуникација со наставниците преку наставни и воннаставни активности е поврзано со повисоки постигања, особено кај ученици кои доаѓаат од социјално ранливи семејства. Исто така, доколку училиштето нуди активности поврзани со интересите на учениците, тие со задоволство ќе поминуваат подолго време во училиште.  

Наставата во училиштето ја изведуваат компетентни наставници. Така ќе биде и со наставата по интегрираните наставни предмети. За секоја наставна дисциплина ќе изведува настава соодветниот наставник, што значи повеќе наставници, согласно предвиденото планирање, ќе работат со учениците на часовите по природни науки и општествени науки. 

Во подготовката на новата Концепција МОН се водеше од истражување, спроведено во ноември 2020 на 4.168 наставници, кои ги идентификуваа потребите од образовна реформа и аспектите на кои истата треба да се базира.  Исто така земени се во предвид анализите од меѓународни релевантни организации и институции кои укажуваат дека се потребни итни и неодложни реформи на образованието.