Останато

Неизбежно е платите во приватниот сектор кај нас да растат

Автор: Бобан Илијевски 

Голем дел од луѓето во Македонија, особено оние кои се невработени, но и тие кои работат во нископлатените дејности во приватниот сектор, сметаат дека е подобро да се работи во јавниот сектор. Можеби се во право. Сепак, иднината има свои планови.

Се согласувам со мислењето дека работните места во јавниот сектор се сигурни и донекаде со тоа дека во ова време е поважно да се има сигурно работно место и загарантирана плата, па колку и истата да е мала.

Ако одблиску ги погледнеме случувањата и турбуленциите на пазарот на труд, ќе забележиме дека пополека но сигурно настапуваат промени.

На што мислам поточно?

Во Македонија владее голем недостиг на работна сила во речиси сите гранки од приватниот сектор. Пандемијата со Ковид -19 веќе е минато, а поголемиот дел од индустриите се повторно во полн ек. Во превод – имаат полни раце работа. Со самото тоа, побарувачката за работна сила постојано расте, но поради големиот недостигот има мала понуда на компетентни и квалитетни работници.

Мене ми е познато дека кога побарувачката на работници е голема, а понудата на работна сила е мала, платите растат. И растат, но ќе треба да помине некое време за доволно да се зголемат за да му „влезат во очи“ на македонскиот граѓанин.

Јас сум убеден дека се ближи времето кога работниците масовно ќе сакаат да работат во приватниот сектор. Барем според мене, тоа е неизбежно. Но, можеби грешам.

Мислам дека ќе има добро платена работа за сите квалитетни работници кои ќе вложуваат во стекнување на нови вештини и усовршување на постојаните. Без разлика дали ќе бидат македонски или пак „увезени“ работници (ако воопшто успееме да ги привлечеме кај нас, со оглед на тоа што кога платите во Македонија ќе пораснат, во западноевропските земји ќе пораснат уште повеќе).

Ценам дека треба да им бидеме благодарни на западноевропските земји оти тие се најмногу заслужни за растот на платите во приватниот сектор кај нас. Со тоа што го олеснија и го олеснуваат начинот за добивање работна дозвола значи дека ќе привлечат повеќе работници. За нашите работодавачи тоа е голем проблем, на кој решението, а тоа и самите ќе го заклучат, ќе биде зголемување на платите.

Тука никако не смее да се заборави и фактот дека многу млади работници, во поголем се број се ориентираат кон работата на далечина која им овозможува да работат за работодавачи од странство седејќи во удобноста на своите каучи. Ова е уште еден предизвик за нашите работодавачи. Можеби најголем досега.

Откако ќе ги прочитате овие аргументи кои веќе подолго време ги пренесувам преку колумните, убеден сум дека ќе се согласите со тезата за претстојниот неизбежен раст на платите во приватниот сектор кај нас.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk