Овие вештини ги бараат сите работодавачи, а ретко кој ги споменува: Дали вие ги поседувате?
Во свет што постојано се менува – од технологијата до начинот на кој работиме – повеќе не е доволно да имате само диплома или технички знаења. Сѐ почесто, токму меките вештини (анг. soft skills) прават разлика меѓу добар и одличен кандидат.
Што се всушност меките вештини?
Меките вештини претставуваат сет на лични особини и способности кои го одредуваат начинот на кој комуницираме, работиме во тим, носиме одлуки и се справуваме со предизвици. За разлика од „тврдите“ вештини – како што се познавање странски јазици, работа со Excel или програмирање – меките вештини се однесуваат на како работиме, а не само што знаеме.
Во меките вештини спаѓаат:
- Комуникација – јасно изразување на мисли и активно слушање
- Тимска работа – успешно функционирање во група, делење задачи и одговорности
- Емоционална интелигенција – способност да ги препознаеме и разбереме сопствените и туѓите емоции
- Решавање проблеми – снаодливост и донесување одлуки во комплексни ситуации
- Прилагодливост – подготвеност за промени и брза реакција во нови околности
- Организација и управување со време – поставување приоритети и ефикасно планирање
- Лидерство – мотивирање и насочување на другите кон заедничка цел
Зошто се меките вештини клучни?
Без разлика дали штотуку сте дипломирале или имате долгогодишно работно искуство, работодавачите сѐ повеќе внимаваат на тоа како се однесувате во работна средина – како решавате конфликти, како соработувате со колегите, и како реагирате под притисок.
Во пракса, ова значи дека кандидат со помалку техничко знаење, но добро развиени меки вештини, може полесно да ја добие работата од оној што има повеќе стручност, но не знае да комуницира или да работи во тим.
Како се развиваат меките вештини?
Меките вештини не се стекнуваат преку ноќ. Клучот е во континуирано учење и личен развој. Учеството во тимски проекти, волонтирање, работа во различни средини, како и отвореноста за повратни информации, помагаат овие вештини да станат дел од вашето секојдневие.
На интервјуа, наместо кандидатот само да каже дека, на пример, има добри комуникациски вештини, важно е да ги демонстрира преку конкретен пример – на пример, ситуација во која успешно решил недоразбирање меѓу колеги или организирал тим во краток рок.
Знаењето е моќ – но примената на тоа знаење е клучот
Во денешно време, не е доволно само да знаете нешто. Вистинската разлика меѓу еден кандидат и еден вработен ја прави способноста тоа знаење да се примени во пракса, во соработка со други и во динамични услови на работа.
Извор: Telegraf Biznis / Превод и адаптација: Бобан М. Илијевски

