Отровните шефови добиваат се помалку апликации за работа – „Се сѐ враќа, се сѐ плаќа“

Автор: Бобан Илијевски

Писанието кое што следува е став на авторот и се однесува само на оние кои се пронаоѓаат во него.

Речиси и да не постои вработен кој во текот на својот работен век не работел за токсичен (отровен) шеф. Оваа констатација ја базирам на тоа што во Македонија има многу вакви шефови. Се разбира, ги има насекаде низ светот, но мислам дека во Македонија се особено истакнати бидејќи така им е дозволено од минатите генерации на работници.

Работниците, мислејќи дека не можат да најдат друга работа, биле принудени да работат и да прават се што е во нивна моќ за да не ја изгубат работата. Сите знаеме дека губењето на работата значи и губење на средствата за егзистенција кои и онака не се доволни за да се живее пристоен живот. Но без средства е уште потешко или речиси невозможно да се преживее.

Отровните шефови лошата ситуација на вработените ја гледаат како можност да манипулираат и да се поигруваат со нив. Им пуштаат плати на дваесет и пет, им бараат К-15 да им го вратат назад, им исплаќаат мала сума, која понекогаш им дозволуваат да ја задржат, а понекогаш и таа им ја бараат назад.

Сепак, времињата се менуваат, а кај работниците се повеќе опаѓа прагот на толеранција. Тоа придонесе уште повеќе на виделина да излезат отровните шефови, па благодарение на тоа барателите на работа знаат каде не треба да аплицираат. Истите шефови ако порано имале многу апликации за работа, сега едвај им се собираат неколку.

Работниците се повеќе бараат вистински лидери кои ќе им дозволуваат да се усовршуваат во својата работа, се грижат за нив и притоа им даваат солидна плата за нивниот труд.

Ова значи дека отровот на отровните шефови ќе им излезе низ нос и ќе дојде брзо времето кога ќе бидат принудени да се менуваат, но ќе биде веќе доцна.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.