Прочитајте го внимателно огласот за работа – 4 знаци дека станува збор за токсична работна средина
Британскиот претприемач Бен Аскинс ги предупредува кандидатите за работа да не наседнуваат на убаво срочените огласи за вработување, бидејќи токму во нив често се кријат знаци дека се работи за токсична работна средина.
Зад наизглед привлечни фрази како „динамичен тим“ или „работа во предизвикувачка средина“ може да се кријат проблеми како преоптовареност со работа, лошо раководење или непочитување на вработените. Аскинс, кој со години ја проучува корпоративната култура и однесувањето на менаџерите, открива четири клучни предупредувања во описите на работни позиции што треба да го „вклучат алармот“ кај секој кандидат.
Аскинс е коосновач на лондонската компанија „Gaia“, а во 2013 година ја кооснoвал и дигиталната маркетинг агенција „Verb Brands“, која во 2022 година била продадена на компанијата „Croud“ за непознат износ. Тој е и автор на книгата „Мојот шеф е идиот: Стратегии за управување и напредок на секое работно место“ (My Boss Is A Moron: Strategies to Manage Up and Thrive in Any Workplace), објавена на 30 септември, пренесува CNBC, цитира Telegraf Biznis.
Четири предупредувања во описот на работното место
Според Аскинс, при читањето на огласите за работа треба да се внимава на следните четири точки:
- збунувачки корпоративен жаргон,
- изостанок на информација за плата или платен опсег,
- нејасни очекувања од вработениот,
- прикажување на законски обврски како „погодности“.
Аскинс нагласува дека присуството на една од овие ставки не мора нужно да биде причина за откажување од аплицирање, но сепак треба да предизвика претпазливост.
„Ако компанијата нема јасен опис на работното место, тоа може да значи само две работи – или е невнимателна во работењето, што е предупредувачки знак, или не ја разбира позицијата за која објавила оглас. Во двата случаи, како вработен ќе се соочите со променливи задачи и потешко ќе го постигнете успехот,“ објаснува Аскинс.
Тој дополнително предупредува и на уште еден предупредувачки знак:
„Кога огласот содржи куп нејасни, празни фрази како ‘Бараме кандидат што ќе нè подигне на повисоко ниво’ или ‘Ако размислувате надвор од рамките, ова е вистинската работа за вас’. Секоја изјава што може да се толкува на повеќе начини треба да биде сигнал дека треба да поставите повеќе прашања отколку што добивате одговори.“
Исто така, ако платата, целите или очекувањата не се јасно дефинирани, а законските обврски се прикажуваат како привилегии, тоа е дополнителен аларм.
„Тоа не е нешто што треба да го заслужите, туку обврска што произлегува од законот. Треба многу јасно да разберете што се очекува од вас на работното место,“ додава тој.
На крајот, Аскинс советува дека кога ќе го затесните изборот на огласи кои ви делуваат привлечни, треба да ги дефинирате вашите клучни преговарачки и непреговарачки точки за интервју – од висината на платата до флексибилноста на работното место.
Извор: bizportal.rs

