ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Работниците ги ценат понудите, па логично е да заминуваат во држави каде има подобро платени работни места, вели Ангелоски

Ние сметаме дека навистина примањата на нашите граѓани треба да растат, меѓутоа, од друга страна сметаме дека особено во јавната администрација дојден е моментот да се премине во една нова фаза на рационализација – намалување на бројот на вработени, со истиот платен фонд на овие кои ќе останат во истата, за да им се овозможат квалитетни услови за работа, рече Трајан Ангелоски, Претседател на Сојузот на стопански комори во „Тема на денот“ на Сител ТВ.

Тој рече дека ова треба да е приоритет на оваа влада, но и на сите други кои ќе дојдат во следниот временски период.

Ангелоски наведе дека првата лекција доколку ги отвориме поглавјата со Европската унија ќе биде јавната администрација и нејзината ефикасност.

Доколку размислуваме да одиме во насока на членство во ЕУ, овој начин на функционирање редно време е да го заборавиме, рече тој.

На прашањето од каде ќе најдеме работна сила, ако платите останат на ова ниво, со оглед на тоа што нашите работници во најголем дел заминуваат во Хрватска, Ангелоски посочи оти тие сметаат дека ова е еден систем на сврзани садови.

Хрватските работници мигрираат кон подобро платени работни места во нивните соседни земји – Австрија, Германија или Шведска, а нашите ги пополнуваат овие испразнети места во Хрватска, рече Ангелоски.

Времето за нивелирање на нашите плати во однос на земјите каде што се нуди ваков систем на плаќање треба да го скратиме затоа што треба да бидеме свесни дека луѓето ќе ги ценат понудите. Доколку имаат подобра понуда, логично е да мигрираат во такви земји и ние ќе останеме со помал број на вработени, посочи Ангелоски.

Со текот на времето и ние ќе започнеме да увезуваме работници, еве сега слушаме, од азиските земји или ќе бараме други алтернативи, рече Ангелоски.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk