МакедонијаНовостиСиндикат

„МАНИПУЛАЦИИТЕ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ИЗЛЕГОА НА ПОВРШИНА“

   Време за читање 4 минути

Причината за денешниот прес е вчерашното утврдување на минималната плата во Економско – социјалниот совет, но не е само утврдувањето на минималната плата која ја има како формула во Законот за минимална плата, туку причината е и целиот Закон за минимална плата, рече Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски на денешната прес – конференција.

Како што знаете веќе седма година, КСС од 2017, 2018 па наваму е со протести и штрајкови, прави притисок врз власта за да ги оствари своите права кои ги имаат низ колективните договори и Законот за минимална плата, членот 8, со кој треба да се усогласуваат платите, но очигледно некој употребува моќ и популизам само за да каже дека платите на работниците се покачени, но во пракса тоа значи дека работникот од година во година е сѐ посиромашен, рече Ралповски

Тој потсети на протестите и штрајковите на синдикатите во здравство, полиција, СОНК и администрација, додавајќи дека сите сектори во јавната служба на Македонија со притисок гледаат колку толку нешто да добијат од тој колач, односно она што им следува согласно законите.

Кога се работи за почитување на Законот за покачувањето на платите на функционерите, нема проблем и тој мора да се почитува, но кога станува збор за Законот за минимална плата (членот 8)  има проблем да се спроведува и за него има различни толкувања.

Факт е дека целата правна наука во Македонија, сите оние кои работат на правните факултети во државата, кажуваат дека тој член треба да се практикува, додаде Ралповски.

Членот 8, како што рече тој, бил камен на сопнување при потпишувањето на Општиот колективен договор за јавен сектор пред седум месеци. Тогаш од КСС посочиле дека Владата и другите што го потпишале сакале да направат манипулација со работниците.

Таа манипулација сега излегува на површина. Законите коишто ја содржат минималната плата за линеарно покачување на платите се во собраниска процедура. Неколку пати беа одложени поради немање кворум, но очигледно дека оваа Влада до последниот ден до работењето сака да го истурка тоа и она круцијално право на покачување или усогласување на платите да го нема во 2024 година. Ова им го кажавме и тогаш, пред седум месеци, еве ќе им го кажеме и сега – со Општо колективен договор не можат суспендираат закони. Ние тие права ќе си ги бараме, затоа што ни следуваат, како што им следуваат и на функционерите кои си ги покачија нивните плати, посочи Ралповски.

Ралповски нагласи дека многу од секторите, како полицијата, не добиле покачување и дека нивната основна плата е под минималната, што е законски забрането, па според него на некој не му пречи да исплаќа незаконски плата. Ја наведе и состојбата со административците од кои 50 % кои се со средно образование, а земаат минимална плата. Ако сега нема усогласување, тие повторно ќе бидат на нивото на минимална плата. Во здравството, посочи дека една година имало усогласување на платите, а другата немало. Истото важи и за СОНК, кој како поцврст и поголем синдикат, успеа да има малку поголемо усогласување на платите.

Истакна дека законите за административните службеници, со кои се отстранува минималната плата за нив, повторно биле ставени на парламент и ги повика пратениците да не ги гласаат. Се заблагодари на опозицијата која реагирала дека нема ништо европско во овие закони, па оттаму не можат да се донесат со европско знаменце и изрази надеж дека нема да прават кворум за да се укине ова круцијално право на вработените.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *