- Advertisement -
ЕкономијаНовостиСветот на работникот

Се поголем број на работници ги „уценуваат“ фирмите – не сакаат да се вратат назад, бараат перманентна работа на далечина

2.11Kviews

Пишува: Бобан Илијевски

Се зголемува бројот на работници кои не сакаат да се вратат во канцелариите, барајќи од нивните работодавачи да им овозможат да продолжат да работат од дома/на далечина. Засекогаш. Ваква е барем ситуацијата во САД каде се поголем број на работници се приклучуваат на овој тренд, но ова не значи дека трендот ќе остане само во оваа земја. Земајќи ги во предвид досегашните искуства, сите трендови коишто настанувале во САД се пренесувале речиси низ целиот свет, а најмногу во Европа. Така што, веројатноста е голема дека и во Македонија ќе дојде време кога се‘ поголем број на работници ќе сакаат да работат на далечина. 

Новиот Закон за работни односи, според универзитетскиот професор Александар Ристовски по трудово право кој вчера даде интервју за Порталот Работник, ги опфаќа сите сегменти коишто се потребни за да се воспостави работа на далечина.

„Нацрт-Законот за работните односи, правилно ја дефинира работата на далечина, наведувајќи ги нејзините специфики (примената на ИК технологии и издвоеното работно место) и соодветно ја разграничуваа оваа форма на работа од традиционалната форма на работа дома. Истакнати  се ‘доброволниот’ и ‘договорниот’ карактер на работата на далечина, т.е. воведувањето на работата на далечина со согласност на договорните страни. На работникот на далечина му се гарантира правото на еднаков третман (исти услови за работа и права) во однос на ‘споредбениот’ работник кој работи во просториите на работодавачот, како и заштита на приватноста, заради превенција и спречување недозволен и неовластен електронски надзор од страна на работодавачот“, рече Ристовски. 

Потенцијалните злоупотреби на работното место и ризиците од наложување на вршење на работата во прекумерно долги и асоцијални работни часови, објасни тој, се превенираат со подеднаква примена на законските ограничувања за траењето и организацијата на работното време (лимитите на дневното и/или неделното работно време и распоредувањето на работните часови) и минималното времетраење на паузите и одморите, како и кај работниците кои работат во просториите на работодавачот. 

„Општите обврски за заштита на безбедноста и здравјето при работа се ставаат и во контекст на заштитата на здравјето и безбедноста на работниците на далечина, а се предвидуваат и специфични и избалансирани правила за вршење на инспекцискиот надзор и контрола за спроведувањето на мерките за БЗР, имајќи ја во предвид уставната гаранција за неповредливоста на домот“, вели тој. 

Професорот Ристовски во интервјуто нагласи и дека во скорешна перспектива, не само што очекува солидна и сеопфатна рамка за регулурање на работата на далечина, туку и зголемен интерес и зачестена примена на работата на далечина, помеѓу македонските компании и работници. 

„Неизвесноста поврзана со пандемијата на COVID-19 и во тој контекст, превенцијата од заразата, се‘ уште се главен „тригер” за воведување и примена на работењето на далечина. Но, потребата за позначајна застапеност на работата на далечина ја наложуваат и повеќе други фактори какви што се: зачестените барања на работниците за подобар работно-семеен баланс, ниските стапки на вработеност на жените, интересот за задржување на најдобрите работници, потребата од намалување на трошоците поврзани со работењето, загадувањето на воздухот и гужвите во сообраќајот и слично“, истакна Ристовски.

Од Државниот инспекторат за труд, во изјава за порталот „Работник“, велат дека согласно Законот за работните односи работодавачот има обврска да достави примерок од Договорот за вработување до Инспекторатот доколку вработените работат од дома/на далечина. 

„Во врска со Вашето прашање дали постои можност ДИТ да добива примерок од договорите за вработување или да се воспостави електронски регистар за чување на истите Ве информираме дека согласно Законот за работните односи ваква обврска е предвидена единствено кај договорите за вработување за вршење работа од дома“, рекоа од Инспекторатот.

Новата анкета во САД покажува дека е зголемен бројот на работници кои сакаат да работат на далечина

Порталот Телеграф.рс пишува дека многу работници во САД не сакаат да се вратат на работа, после повеќемесечната (повеќегодишната) работа на далечина. Ова го покажуваат и новите податоци од првата недела на 2022 година. Поголема е веројтноста дека работниците би дале отказ доколку работодавачите инсистираат да се вратат во канцеларија.

Компаниите наидуваат на силен отпор од страна на работниците, вели порталот и нагласува дека треба да се земе во предвид дека на вработените од почетокот на пандемијата им станале многу поважни личната среќа, чусвството на благосостојба, менталното здравје. На ова примат најмногу му даваат младите, пред се генерацијата Z (луѓето кои се родени од 1990 до 2010 година). 

Уделот на работници на далечина кои би размислувале за давање отказ од работа, доколку шефовите ги замолат да се вратат во канцелариите, пораснал на 55 % од 6 јануари, во однос на 45 % забележани само една недела претходно, вели анкетата на „Morning Consult“, а пренесува Блумберг. 

Повеќе од 4 од 10 работници не се сигурни дали ќе се вратат во канцелариите, во споредба со 35 % од оние кои тоа го рекле на 30 декември 2021 година. Исто така, помала е веројатноста дека луѓето ќе сакаат да присуствуваат на спортски настани во затворено, да одат во кино и да вечераат вон домот, покажало истражувањето во САД. 

Овие податоци следат откако „Robinhood Markets Inc.“ рекол дека ќе им овозможи на поголемиот дел од вработените постојана работа на далечина, додека многу технолошки гиганти ги одложуваат плановите за враќање на работа поради ширењето на омикрон. 

Компаниите од приватниот сектор се надевале дека ќе се усвои одлуката на Претседателот на САД, Џо Бајден за задолжителна вакцинација во приватниот сектор, но Врховиот суд го блокирал указот на неговата администравија, така што се‘ уште останува доброволното вакцинирање во игра. Задолжителната вакцинација ќе важи само за здравствените работници. 

Фото: Pixbay