МакедонијаСиндикат

СПМ бара додаток на плата за полицајците и инспекторите

   Време за читање 2 минути

Соопштението на Синдикатот на полиција во Македонија ви го пренесуваме интегрално:

Барање за почитување на достоинството на униформираните полициски службеници  и полициските службеници  – инспектори во криминалистичката полиција  – Барање за утврдување на додаток на плата

Анализирајќи ги проблемите со кои се соочуваат униформираните полициски службеници на терен (во ова категорија спаѓаат полициските службеници од полициските станици од општа надлежност, полициски одделенија и канцеларии и полициски станици за безбедност на патниот сообраќај и полициските службеници  -инспектори во криминалистичката полиција) со воочување на проблемите со кои секојдневно се соочуваат, изложувајќи ги своите животи за работа и опасност по живот односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите, имајќи ги во предвид фактите и доказите кои стојат пред нас а пред се се однесуваат на сторени кривични дела токму над наведената категорија на работници, Бараме утврдување на додаток на плата  согласно член 168 од КД на МВР во износ од минимум 25% за униформираните полициски службеници односно минимум 20% додаток на плата за полициските службеници  -инспектори во криминалистичката полиција. 

Причини кои го бараме наведеното: Само во периодот од 01.01.2020 година до 30.09.2024 година регистрирани се вкупно 715  кривични дела „Напад на овластено службено лице“ по член 383 од КЗ. Како последица од нападите над полициските службеници, еден полициски службеник е повреден од огнено оружје, на 25 полициски службеници им се нанесени тешки телесни повреди, додека 747 полициски службеници се полесно повредени.

Во периодот од 01.01.2020 година до 31.12.2024 година регистрирани се вкупно 522 кривични дела „Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“  по член 382 од КЗ.

Во најголемиот број на регистрираните дела кривичните дела се сторени токму кон категоријата на работници за која бараме додаток на плата.

Се надеваме дека правилно ќе се разгледа и земе во предвид наведеното барање доставено до Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и во иднина ќе бидат опфатени со додаток на плата и наведената категорија на вработени односно во иднина нема да бидат дискриминирани по наведениот основ односно ќе им биде утврден додаток на плата по наведениот основ.  

Време е за обединетост, сплотеност во интерес на нашата професија време е да покажеме дека секој вработен има свој живот, своја чест, своја гордост, свое достоинство и  авторитет и дека се гордеете со таквиот работник. Се со една цел:

Враќање на ПРОФЕСИОНАЛИЗМОТ на  вработените во МВР!