СТАВ: Почитување на постојните работнички права, но и воведување на нови

Автор: Бобан Илијевски

Факт е дека работничките права во Македонија не се почитуваат во целост, но тоа не значи дека не треба да се работи на воведување на нови работнички права.

Вчера напишав текст за платено отсуство поврзано со менструалниот циклус кај жените, работничко право коешто прва во Европа го воведе Шпанија, иако во светски рамки не е новост. Се изненадив кога прочитав дека земји како Јужна Кореја, Тајван и Индонезија го имаат веќе воведено и тоа ме натера да помислам дека тие се далеку пред нас во воведувањето на нови права коишто се исто толку значајни колку и постојните.

Ние во Македонија чекаме прво да се имплементираат и почитуваат веќе воведените права и не работиме на тоа да воведеме нови. Но, чекањето за почитување на работничките права кои на работниците им следуваат согласно законските прописи и колективните договори пополека но сигурно се претвора во онаа позната драма на апсурдот на познатиот британски драматург Семјуел Бекет – „Чекајќи го Годо“.

Која ми е поентата?

Не можеме да останеме само на чекање да се почитуваат постојните работнички права, туку паралелно со тоа треба да се бориме и за воведување на нови и секако оправдани права.

Многупати се имам запрашано самиот и никако не можам да дојдам до одговор, но ако го поставам јавно прашањето можеби некој ќе го даде одговорот. Зошто Владата нѐ направи чекор напред и издвои одредена сума на пари со која би им помогнала на десеттина компании, на пример, да ја тестираат четиридневната работна недела за да видат какви резултати ќе даде – дали ќе се зголеми продуктивноста, а со тоа и профитот на компаниите?

Знам дека на оваа идеја многумина ќе речат дека сега не е време за некакви експерименти бидејќи сме во економска, енергетска, ценовна и каква не криза. Во ред. Јас не велам дека овој експеримент би требало да се направи утре, туку во блиска иднина. Не знам, можеби за две до три години.

Треба да престанеме да бидеме држава која само копира, а не прави ништо свое. Знаете ли што Американците се понапредни во речиси сите сфери? Не е поради тоа што имаат многу поголеми ресурси и поголема географска површина, туку поради тоа што се прагматични.

Имај колку сакаш ресурси, но ако не знаеш да ги искористиш, тогаш се е џабе. Тие знаат како да ги искористат, па затоа и се години понапред од многу други земји, вклучувајќи ја тука и Македонија.

На работниците потребно е да им се долови дека државата мисли за нив, не само во смисла на давање на финансиски поддршки и слично, туку и во смисла на овозможување на унапредени и нови работнички права кои ги заслужуваат.

Технологијата напредува, пазарот на труд станува се по глобален, а со тоа и на македонските талентирани луѓе им се отвораат шанси да работат за светски компании, и тоа од дома. Впрочем, едно од предвидувањата за трендовите кои не очекуваат во 2023 година е токму поголемиот пристап на светските компании до глобална работна сила кој го овозможи работата на далечина.

Како држава мораме да влеземе во чекор со светските трендови. Доколку не го направиме тоа, ќе излеземе како губитници. А зошто да бидеме губитници, кога можеме да бидеме во чекор со победниците.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.