ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

ТАВ Македонија за „Работник“: Последиците од корона кризата во авио секторот ќе бидат присутни и во следниот период

Бобан Илијевски

Корона кризата несомнено остави огромен белег врз авио секторот, па дури и најголемите аеродроми и авиокомпании паднаа на колена пред невидливиот непријател наречен Ковид – 19. Овој вирус не само што направи здравствени штети, предизвика и штети по економијата, оставајќи катастрофални последици врз одредени сектори, како што е токму авио секторот.

Изминатата година низ светските медиуми можевме да видиме низа на најави за банкрот, отпуштање на работници и низа други последици коишто ги предизвика корона кризата во авио секторот. Македонскиот авио сектор не остана ништо покус од другите.

Нашата редакција, со цел да дознае повеќе за тоа како корона кризата влијаела врз авио- секторот во Македонија испрати неколку прашања до ТАВ Македонија, компанија којашто ги води двата аеродроми  во Македонија (Меѓународен аеродром – Скопје и Св. Апостол Павле – Охрид). Дел од прашањата беа за тоа како целата ситуација со Ковид – 19 влијаела врз нивната економска ситуација, а остатокот се однесуваа на вработените.

Како прво ги запрашавме каква е општата економска ситуација во авио секторот во Македонија од започнувањето на кризата. Од ТАВ ни рекоа дека авиоиндустријата е еден од најпогодените сектори на глобално ниво од Ковид кризата, потенцирајќи дека негативните економски текови се уште силно се чувствуваат во овој сектор. Нивната прогноза е дека последиците ќе бидат присутни и во следниот период.

Фото: Skopje International Airport

Од ТАВ сметаат дека на скопскиот и охридскиот аеродром, како и на сите останати аеродроми во светот, ќе им бидат потребни неколку години за да се вратат на предпандемиското ниво.

„Негативното влијание врз авиоиндустријата се одразува преку пад на приходите и намалување на патничкиот сообраќај за повеќе од 60-70% поради различните забрани и ограничувања што ги воведуваат земјите од целиот свет“, велат од ТАВ.

Од таму потенцираат дека и другите индустрии коишто се тесно поврзани со авиоиндустријата бележат пад на приходите, поради намалениот патнички авиосообраќај. Но, од друга страна, уверуваат дека и покрај тешката состојба и влошените услови за работа, ТАВ Македонија успева да пружа најквалитетни услуги, за што, како што велат, потврда се двете реномирани ASQ-награди коишто им биле доделени од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI). Овие две награди се за Најдобар аеродром во регионот на Европа во големина и Најдобри хигиенски мерки во регионот Европа.

Посочија дека за нив овие награди се потврда дека ТАВ Македонија успешно се справува со сите предизвици во оперативното работење во период на Ковид кризата, дополнувајќи дека истите им се и мотив да продолжат во тој правец.

На прашањето на порталот „Работник“ дали вработените учествувале во креирањето на политики заедно со Раководството, во однос на мерките за заштита од Ковид – 19, од ТАВ одговорија дека тие секогаш ги креираат политиките во однос на мерките за здравје и заштита при работа во согласност со постојните законски регулативи, притоа додадоа дека праксата на креирање на политики за заштита при работа продолжила и во текот на Ковид кризата, при што покрај позитивната законска регулатива од областа на заштитата при работа, како што велат, ги следат и одлуките и протоколите кои ги донесоа Владата и надлежните државни институции.

Фото: Ohridnews.mk

„Исто така, постојано ги следиме и применуваме и препораките на меѓународните институции од авиосообраќајот, како што се Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската Унија (EASA), Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), Меѓународниот Совет на Аеродроми (ACI) и Меѓународната асоцијација за авиосообраќај (IATA), со цел да работиме во согласност со правилата и прописите за поинтензивна грижа на здравјето и безбедноста на патниците и вработените“, велат од ТАВ Македонија.

Наведоа дека врз основа на искуствата и препораките на сите домашни и меѓународни институции, вработените изготвиле Протокол за аеродромско работење во време на пандемија кој, според нив, опфаќа широк спектар на сеопфатни мерки за здравје и заштита, како на вработените, така и на патниците.

Потенцираа дека нивните вработени се првите коишто служат како пример и водат сметка за здрава и безбедна работна средина, како заради нивна заштита и безбедност, така и за безбедноста на патниците и клиентите.

Во однос на тоа дали во ек на корона кризата имале колективни спогодби со вработените, од ТАВ рекоа дека не презеле колективни спогодби со вработените, додавајќи дека скопскиот и охридскиот аеродром 3,5 месеци биле затворени за комерцијални приходи и не генерирале никакви приходи.

„Сепак, без оглед дали станува збор за пандемска криза или пак за редовно работење, со цел да се овозможи и да се обезбеди одржливост на авиобизнисот и на аеродромското работење, ТАВ Македонија, како одговорен работодавач, ги следи и ги почитува важечките применливи домашни правни регулативи“, посочија од компанијата.

Од ТАВ истакнаа дека корона кризата во голем дел ги погодила нивните вработени.

„Целиот свет на некој начин се забави, многу процеси целосно беа прекинати на одредено време, а тоа се однесува и на работењето на аеродромите. Оттука, мерките кои беа донесени за да се заштити јавното здравје ја засегнаа и нашата компанија, а следствено и нашите вработени, како што тоа беше случај и со вработени од многу други компании погодени од кризата. Сепак, благодарение на долгогодишните инвестиции, македонскиот авио пазар пред кризата со коронавирусот достигна одржливо ниво на функционирање, што ни овозможи успешно да се справиме и прилагодиме на новонастанатата ситуација“, заклучија од ТАВ Македонија.

Фото: Агенција Анадолија