УСОГЛАСУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ, РЕШАВАЊЕ НА СТАТУСОТ НА ДОГОВРЦИТЕ НА ДЕЛО… Синдикатот на клинички центар во понеделник излегува на протест
Синдикатот на клинички центар во понделник излегува на протест пред Министерството за здравство поради незадоволството во повеќе сегменти во здравствениот сектор.
„Ние сакавме да го одржиме протестот на 7-ми, на Денот на здравството, но со оглед дека паѓа во недела, се одлучивме во понеделник од 10 до 10:30 да излеземе пред Министерството за здравство и да го искажеме нашиот револт“, рече Претседателот на синдикатот, Предраг Серафимовски.
Причините за протестот се повеќебројни. Една од нив е непотпишувањето на анексите на колективните договори со кои треба платите на здравствените работници да се усогласат со новиот раст на минималната плата.
„После последниот Анкес на Општиот колективен договор што го потпишавме минатата година, ние од 10 октовмри, заедно со Министерството за здравство и со Фондот за здравство, работевме на нови анекси за усогласување на платите, бидејќи знаевме дека ќе дојде до покачување на минималната плата во март оваа година. Голем дел од работите ги склопивме, анексите ги дадовме како известувања до Министерството кое ги проследи до Владата. Таа на 222 седница ги усвоила анексите, дала заклучок на Влада и дала насока до Министерот да ги потпише“, рече Серафимовски.
По промената на Меџити и доаѓањето на новиот министер, дошле до ситуација да не се направи напор да се потпишат анексите. Тие имале состанок и со новиот министер, но бидејќи му бил прв ден на работа, вината не можела да биде негова. Му ја објасниле ситуацијата, но тој немал информации околу тоа.
Протестот ќе биде најмногу насочен кон ова барање, но на него ќе бидат повикани и политичките партии кои претендираат да дојдат на власт, во програмите да стават што мислат да прават со јавното здравство и колкаво покачување на платите на здравствените работници и соработници нудат.
„Флоскулите од типот ќе правиме ова, ќе правиме згради и болници, не се во ред. Како ќе прават болници кога нема кадар кој ќе ги лечи луѓето. Кадарот останува за плата. Ако се покачи платата, работниците може да останат во Македонија. Во овие пет-шест години егзодусот е максимален“, рече Серафимовски.
Потпишување на нов Колективен договор
Едно од барањата ќе биде и потпишување на Колективниот договор за здравство. Според Серафимовски, 90 % од текстот е пречистен и усогласен со сите четири закони. Треба да се доработат останатите 10 % и да се потпише со Министерството за здравство
Решавање на статусот на договорците на дело
Иако не се нивни членови, синдикатот од 2012 година се залага за унапредување на статусот на договорците на дело. До сега имаат седум архивирани барања кои се проследени до сите министри и влади за да не се злоупотребуваат договорите на дело, бидејќи овие луѓе работат по 10-15 години, а не им тече ни здравствено ни пензиско.
„Секои избори се актуелизира таа тема. Било кој и да дојде на власт, да се освести дека овие вработени треба да бидат вработени на неопределено време“, рече Серафимовски.
Приватните специјализанти да се вработат во јавното здравство
Уште од перидот кога Филипче беше Министер и им дал 26,000 денари плата на приватните специјализанти за време на короната за да се вклучат во помагањето, од синдикатот реагирале дека освен во Македонија и во блиската околина, приватна специјализација како поим не постои никаде во светот.
„Тие луѓе треба да бидат примени на работа и да специјализраат за државно здравство за да останат во истото здравство бидејќи немаме кадар, и да земаат плата според тоа што ќе го специјализираат“, истакна Серафимовски.
Бесплатен паркинг за вработените во Клинички
На протестот ќе се осврнат и на паркингот во клинички кој е најпрофитабилен како дел од „Градски Паркинг“, со заработка од 350,000 до 400,000 евра на годишно ниво. Серафимовски вели дека и покрај ова, внатре во клинички е хаос, не може да влезе ни болничко возило, ни итни случаи, а ни вработените немаат каде да се паркираат.
„Знаеме дека за време на короната, со несреќната одлука на минатиот градоначалник Шилегов се зголеми месечната претплата за вработените од 400 на 800 денари, па по наша реакција се врати на 400 денари. Имавме дописи до градоначалничката Данела Арсовска да се направи напор, барем за вработените во кампусот ‘Мајка Тереза’, паркингот да биде бесплатен, затоа што и тоа како сме го заслужиле тоа како вработени“, рече Серафимовски.