- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Царовска за Економски магазин: Низ дијалог со компаниите ќе ги утврдиме профилите кои ќе ги отвориме во стручните училишта од идната учебна година

108views

Средните стручни училишта треба да бидат со отворени профили согласно потребите на пазарот на труд. Затоа заедно со стопанските комори и со локалните самоуправи и министерството ќе процениме за идната учебна година во која општина од кој профил има потреба, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, вечерва во гостување во Економски магазин на Алсат ТВ.

Министерката најави дека за таа цел ќе се организираат 13 средби на кои низ социјален дијалог на локално ниво ќе се утврди кои се профилите кои треба да се отворат во средните стручни училишта. Веќе е направена анализа со 450 компании за нивните потреби и заинтересираноста за соработка и овие локални средби ќе бидат само потврдување на анализата.

Advertisement

„Во изминатите години по инерција истите профили кои биле отворени децении остануваат отворени и понатаму, иако не одговараат на реалните потреби на пазарот на трудот. Учениците од овие паралеки и профили ќе може да бидат и со пракса вклучени во компаниите за да тој линк уште во првиот ден се создаде помеѓу училиштата, компаниите и учениците. Ова го правиме за самите ученици и родители да стекнат доверба дека во општината има училиште коешто не е заборавено, туку напротив е училиште коешто ќе му обезбеди работа на моето дете“, рече Царовска.

Министерката вели дека верификација на профили согласно барањата на реалниот сектор ќе се направи за идната учебна година затоа што тие училишта реално постојат.

Advertisement

Во однос на бројот на ученици кои се запишуваат во средните училишта, министерката вели дека е најважно да се почитуваат Законите.

„Со години сме сведоци дека се прави отстапка од законите кои предвидуваат колкав број на ученици може да се запишат во една паралелка, но така создаваме неквалитетно образование. Затоа законите мора да се почитуваат и тоа е првиот механизам. Вториот механизам е промени во начинот на стипендирање. Ако со години стипендираме општо образование, а не стипендираме средно стручно не сме успогласени со реалните потреби на реалниот сектор. Оваа година објавивме стипендии директно насочени кон средно стручно, но за наредната година планираме стипендиите да бидат мотивирачки и предвреме да се објават со конкурсите и најдобрите ученици од основно образование. На овој начин да бидат мотивирани да се запишат во стручите училишта“, рече Царовска.

Министерката посочи дека исто така е важно да создадеме доверба помеѓу општина, компанија и училиште бидејќи така ќе ја вратиме довербата во средните стручни училишта, а и ќе придонесеме за подобра иднина на младите. Значајно е и тоа што завршувањето на средно стручно е секогаш подобар старт за запишување на техничките факултети.

Advertisement