КолумниНовости

Што ги спречува да им речат: „Извинете, но за да работите кај нас мора да бидете пријавени“

   Време за читање 1 минута

Автор: Бобан Илијевски

Добив коментар од еден загрижен работодавач во врска со статијата за сивата економија, во кој тој напиша дека имало работници коишто примале социјално, а работеле на црно оти не сакале да бидат пријавени за да не го изгубат истото. И тоа е точно. јас дури би отишол и чекор понатаму и би рекол дека има пензионери кои работат на црно. Мислам дека тоа им е добро познато и на надлежните органи, или можеби се лажам?!

Сепак, нели поедноставно решение би било кога работодавачите не би ги вработувале оние кои не сакаат да бидат пријавени. Можат да им речат: „Извинете, но не дозволуваме работа на црно“. Потоа, потенцијалниот работник може да размисли дали ќе се вработи како што треба, односно според законските прописи или ќе продолжи да зема социјално. Јас не знам што е тука комплицирано.

Мене јасно ми е како ден дека на луѓето им требаат повеќе пари, но не може работите да функционираат така – одредени поединици да земаат надоместок од државата и плус да работат непријавени. Но, да бидеме на чисто, на многу работодавачи им одговора работниците да работат непријавени и да им даваат плата во плик, не само во Македонија, тука насекаде низ светот. Податоците на Меѓународната организација на труд велат дека половина од вработените во светот работат во сивата економија. Мислам дека тоа кажува се.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.