Останато

Ако европските вредности се сведуваат на тоа да имаме германски цени, а македонски плати – Не, благодарам

Автор: Бобан Илијевски

Цените во Македонија се речиси исти со цените во Германија, држава каде има многу поголеми плати од нашите. Ова навистина нема логика. И ако за нашите политичари ова е имплементирање на европски вредност – Не , благодарам. Дајте ни прво европски плати, па да имаме европски цени, а не обратно.


Се фалат дека ги зголемиле минималната плата и пензиите

Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека оваа Влада минималната плата ја зголемила за 100 %, а пензиите за 10 %. Во ред, но колку што знам обврска на секоја Влада е да го зголемува стандардот на граѓаните, нели? Или можеби се лажам?

Јас колку што знам граѓаните излегуваат на непосредни парламентарни избори со цел да дадат глас за политичката партија која има најдобра програма. Целта е да се одбере опцијата која може да понуди повеќе, но и да го исполни тоа што го ветила.

Искуството во Македонија покажува дека политичките партии имаат добра програма (на хартија), но некако тешко ја спроведуваат во пракса.

Кога сме кај зголемувањето на платите и пензиите, треба да се постави прашањето колку навистина е реално тоа зголемување, бидејќи инфлацијата постојно расте.

Треба само да се излезе по маркетите и многу лесно може да се увиди тоа.

Тешко се справуваат со инфлацијата која и тоа како ја „јаде“ минималната плата, но и пензија

Некако тешко ни оди во справувањето со инфлацијата која брзо ги празни џебовите на граѓаните. Таа го изеде и растот на минималната плата и пензиите. Едноставно, не се доволни за да се преживее – да се задоволат основните потреби на едно семејство или пак човек.

Во Македонија има навистина искусни експерти од областа на економијата кои можат да дадат свој придонес во тоа како да се справиме со инфлацијата, но истите се оставени настрана. Можеби тие што се во Владата се најпаметни, па затоа е тоа така.

Секоја свесна држава, во ек на криза, се консултира со најдобрите од областа. Тоа што ви кажува?

Ковачевски вели дека со Закон треба да се унифицираат платите…

Ковачевски вчера рече дека треба да се креира Закон со кој би се унифицирале платите. Да, треба, но кога? Платите коишто ги земаме моментално мене ми изгледаат дека се воведени онака, како бројка. Не се земени во предвид реалните потреби на работниците.

Кај нас знаеме како функционираат законите – добри се само на хартија, а во пракса не ги бидува, бидејќи не се ни спроведуваат.

Ни треба и Закон за плати. Точно. Но истиот треба да биде донесен во согласност со сите засегнати страни (синдикати, работодавачи и Владата). Овој Закон никако не смее да се донесе само туку-така. Мора пред него да претстои една обемна дискусија.

Цените на производите германски, платите македонски. Нема логика, нели?

Цените во Македонија се речиси исти со цените во Германија, држава каде има многу поголеми плати од нашите. Ова навистина нема логика. И ако за нашите политичари ова е имплементирање на европски вредност – Не , благодарам. Дајте ни прво европски плати, па да имаме европски цени, а не обратно.

Во Германија со новата минимална саатнина од 12 евра, месечно им доаѓа плата од над 2800 евра, а кај нас средна плата е некаде околу 21 до 22,000 денари (341 односно 357 евра). Па сега видете која е разликата.

Платите треба да се определуваат согласно трошоците за живот

Кога сме кај Германија, морам да напоменам дека таму платите се определуваат согласно трошоците за живот, каде што спаѓаат и режиските трошоци. Сето тоа е пресметано во платата.

Кај нас да се пресметуваше вака, колку-толку ќе стигнеше за да се подмират барем основните трошоци. Не сум економист и не навлегувам стручно да анализирам, но секој граѓанин според својот џеб и трошоците кои ги има може лесно да заклучи дека платите не им стигаат за да се истурка месецот.

И 500 евра плата веќе е малку. А ако продолжи вака да биде и во следниот период и 1,000 евра ќе биде малку за одредени домаќинства.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk