Бараат луѓе за истражувачки проект од 100 дена: Плата 23.000 евра и шест строги услови
Германскиот воздухопловен центар (DLR) бара шест волонтери кои ќе бидат затворени во истражувачки објект 100 дена, во рамки на студијата „SOLIS100“. Целта е да се симулираат условите на долготрајна изолација и ограничен простор во вселената, со цел подобра подготовка за идни мисии на Месечината и Марс. Проектот се спроведува во соработка со Европската вселенска агенција (ESA), а надоместокот изнесува 23.000 евра, пишува списанието Fenix.
Живот како во вселенска станица
Учесниците ќе живеат како астронаути: затворени во простор кој наликува на вселенска станица и под постојан 24-часовен видео надзор. Исклучок се само кабините за спиење и тоалетите. Дневниот распоред ќе вклучува тимска работа, научни задачи и симулации на оперативни предизвици, слични на оние во вистинските вселенски мисии.
Кој може да се пријави?
Се бараат кандидати што е можно послични на реални астронаути. Условите се строги:
- возраст помеѓу 25 и 55 години
- целосна физичка здравствена состојба
- одлично познавање на англиски јазик
- завршени најмалку основни студии, по можност медицина, инженерство или сродни науки
- индекс на телесна маса (BMI) помеѓу 18,5 и 30
- важечко здравствено осигурување и уверение за неказнето поведение
Како ќе изгледа програмата?
Програмата трае вкупно 126 дена:
две недели подготовка, 100 дена изолација, една недела опоравување и два последователни лекарски прегледи – по 30 дена и најдоцна по шест месеци.
Студијата има важна научна цел: да се истражи како екстремните услови влијаат на човечката психа, здравје и работни способности, со цел идните мисии во вселената да бидат побезбедни и поефикасни.
Тестот е планиран да започне на 6 април 2026 година, а да заврши на 7 август 2026 година. Сите дополнителни информации се достапни на официјалната веб страница на DLR.
Извор: EUpravo zato/Poslovni

