Вработен од генерацијата Z му рече „не“ на шефот: Одби да дојде на виртуелен состанок и стана вирален
Одговорот на вработен од генерацијата Z до својот шеф, откако бил замолен да дојде во канцеларија во 6:30 наутро за виртуелен состанок, стана вирален на социјалните мрежи.
Вработениот одбил да дојде и покрај експлицитното предупредување од шефот, а неговата реакција покрена расправа за современите работни навики и канцелариските правила.
Заканата од шефот
Преписката меѓу шефот и вработениот ја споделил корисник по име Лексис на платформата X со натпис: „Припадници на генерацијата Z. Тие не се хероите што ги заслуживме, но се тие што ни се потребни.“
Објавената снимка од екранот прикажува строга порака од надредениот пред виртуелниот состанок закажан за 7:00 часот.
Gen Z employees. Not the heroes we deserved, but the heroes we needed. pic.twitter.com/XNewTYuATE
— Lexis (@niilexis) February 2, 2026
„Ова е последно предупредување. Физичко присуство во канцеларија до 6:30 за виртуелниот состанок во 7:00 е задолжително и недоаѓањето ќе се смета за непослушност. Имајте предвид дека повторното непочитување може да доведе до дисциплински мерки, вклучувајќи и суспензија, согласно политиката на компанијата. Ве молиме веднаш потврдете кога ќе бидете на своето работно место“, се наведува во пораката.
Одговорот што следел многумина го протолкувале како пример за отпорот на генерацијата Z кон она што тие го гледаат како застарена корпоративна контрола.
„Примено на знаење. За појаснување, нема да бидам физички присутен на виртуелниот состанок. Ќе се приклучам виртуелно, како што налага форматот на состанокот. Заканата со суспензија поради локацијата, а не поради учеството, не е толку деловна политика колку злоупотреба на овластувања. Онлајн сум“, одговорил вработениот.
Поделени реакции на интернет
Одговорот предизвикал бројни реакции, а многу корисници ја пофалиле јасноста, самодовербата и логичноста во зборовите на вработениот. Други се прашувале која е целта да се бара физичко присуство на состанок што е јасно означен како виртуелен, особено толку рано наутро.
„Бара да дојде во канцеларија во 6:30 за виртуелен состанок. Ако работодавачот толку многу го сакал во канцеларија, зошто едноставно не договориле состанок во живо?“ коментирал еден корисник. „Не сум сигурен дали јас би одговорил така, но тоа правило е апсолутно смешно. Да бидеш во канцеларија во 6:30 за виртуелен состанок е неверојатно бесмислено“, напишал друг.
Дискусијата се проширила и на пошироки теми, како што се ригидните канцелариски правила кои се во спротивност со современите сфаќања за продуктивност, доверба и флексибилност.
Иако некои се согласиле дека тонот на одговорот можеби не е соодветен за секоја деловна средина, повеќето заклучиле дека барањето на шефот е претерано и слабо аргументирано.
Извор: BIZLife / Index.hr

