МакедонијаСветот на работникотСиндикат

До утре решение за платите на наставниците, а до крајот на неделата ќе има решение за вработените во градинките

Имавме одлична и конструктивна дискусија со претставниците на СОНК, социјалниот дијалог продолжува, рече Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, по денешната средба со СОНК.

Таа истакна дека се блиску до решение, посочувајќи дека денеска разговарале за повеќе понудени предлог решенија, и од страна на МТСП и од страна на СОНК.

„Дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот помеѓу СОНК и Министерството за труд и социјална политика. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот и се надевам дека до крајот на оваа недела ќе имаме потпишано Спогодба и конечно решение во однос на Одлуката за штрајк, во предучилишното образование“, рече Тренчевска.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков рече дека преговорите одат во добар правец, потенцирајќи дека доколку не се дојде до истото, штрајкот би продолжил.

И тој посочи дека убеден е дека проблемот ќе се реши до крајот на неделата. Тоа според него, не би требало да биде „сламка за сопнување“, од аспект на тоа што има добра волја од двете страни за да се надмине ситуацијата.

Додаде дека преговорите, со Министерството за образование и наука, по покровителство на помирувач, привршуваат, така што она што ќе биде договорено во однос на зголемување на платите во дејноста образование ќе важи и за детска заштита.

„Дефинитивно, она што е договорено и со едниот и со другиот Министер, односно со работните групи од двете Министерства, дека и Колективните договори ќе бидат потпишани во соодветна рамка, односно термин, за чие утврдување сме блиску да се усогласиме“, рече Неделков.

Посочи дека денеска имаат средба со МОН, на којашто треба да ги допрецизираат веќе договорените работи, по што треба да произлезе записник од страна на помирувачот.

Крајниот рок за завршување на вторите 10 дена од постапката за помирување е утре, па Неделков смета дека до утре ќе изнајде решение со МОН.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk