КолумниНовости

(АУДИО) За да се намали непријавената работа треба „раката да се стави подлабоко“ во џебот на газдите

   Време за читање 6 минути

Бобан Илијевски

30 години за работниците се зборува колку да не бидат заборавени

Многу ми е интересно кога за одредени проблеми на работниците се дебатира само по потреба, односно само кога властите ќе почувствуваат дека ги занемеруваат, па ќе направат одреден настан за да колку ете,  посветат малку внимание и на нив. Тука сум должен да нагласам дека непосветувањето на доволно внимание на проблемите на работниците било присутно отсекогаш, иако Македонија се прокламира за социјална држава. Ниту една Влада досега не успеала да го реформира трудовиот систем во целост.

Сивата економија го впива БДП-то

Вчера имаше прес – конференција за непријавените работници, за коишто  Министерката за труд и социјална политика рече дека Владата изнаоѓа системски решенија кои придонесуваат да се намали непријавената работа или сивата економија. Дека постои Стратегија на Владата за формализирање на неформалната економија постои, но клучното прашање е колку истата се спроведува во пракса. Да бидеме реални, феноменот неформална економија постои колку што е самостојна Македонија – 30 години, само што се повеќе се зголемува. Сивата економија во Македонија се движи некаде од 20 до 37 %, според разни економски показатели. Министерот за финансии Фатмир Бесими во 2020 година истакна дека сивата економија изнесува 37 % од Бруто домашниот производ. Верувам дека истата се има зголемено во текот на корона кризата, но тоа оставам на економистите да го утврдат. 

Удри длабоко по џебот на газдата, па ќе видиш како има да почитува работнички права

Исто така, вчера беше најавен и почеток на кампања за намалување на неформалната економија, па да видиме колку истата ќе даде резултат. Лично не сум оптимист за тоа дека ќе има позитивен исход и тоа не поради нејзиното спроведување, туку менталитетот на газдите коишто со години наназад ја одржуваат праксата да имаат непријавени работници. Мислам дека ќе биде крајно тешко да се искорени тој менталитет, со оглед на тоа дека газдите нема да се откажат од тоа да избегнуваат да плаќаат придонеси за вработените и истите да си ги ставаат во нивните џебови, за да си купат некое џипче, виличе или апартманче. Така да, кампањата е за пофалба, но за овие газди не треба кампања, туку треба постојано да се под лупа на инспекторите, а секој оној газда кој ќе има непријавени работници, треба строго да се санкционира. Јас би одел до таа мера, дури кривично да одговора. Се додека се извлекуваат со ситни казни од неколку стотици евра, нема ништо да се смени. Јас одамна велам дека лекот за овие газди е „подлабоко пикање на раката во џебот“. Истите тие откако ќе бидат добро казнети, ќе се запрашаат дали ќе ги пријавуваат работниците или ќе платат пак толку голема казна. Јас мислам дека ќе го изберат првото.

ДИТ: Од јануари до јуни издадени 42 решенија на работодавачи поради непријавени работници

Директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска рече дека ДИТ во период од јануари до јуни има извршено 8,267 инспекциски надзори, при што биле изречени 42 решенија за исто толку правни субјекти кои се однесувале на непријавени работници.

Минатата година, пак, Тренчевска посочи дека биле извршени вкупно 19,054 инспекциски надзори, од кои најголемиот број биле поврзани со мерките за заштита од Ковид – 19 кои беа носени со одлуки и препораки од страна на Владата. Инспекторите при надзорите донеле вкупно 1,969 решенија, а од нив 15 биле издадени поради непријавени работници. На работодавачите им биле издадени прекршочни платни налози, притоа потенцираше дека само двајца од нив не постапиле, по што било поднесено барање за поведување на прекршочна постапка. 

Она што исто така е важно е што ДИТ ги проширува капацитетите, односно вработува нови инспектори. Тренчевска неодамна информираше дека од јануари до сега имаат вработено 11 нови инспектори, посочувајќи дека до крајот на јули ќе завршат со нови 22 инспектори од областа на работните односи и безбедност и здравје при работа. 

Зголемениот број на инспектори во ДИТ

Зголемувањето на капацитетот на ДИТ е секако добра вест, но ќе видиме какви резултати ќе донесе. Исто така, она што инспекторите биле активни на терен и вршеле инспекциски надзори и притоа воочиле прекршувања на работничките права не е за некоја пофалба, бидејќи тоа им е работа. Потребно е да бидат повеќе активни, но од друга страна пак и креаторите на законите потребно е да предвидат поголеми казни за газдите, како и што споменав погоре. Што се 200 или 400 евра за газда? Ќе ги плати од шега и ќе продолжи повторно да ги прекршува работничките права. Работничките од текстилната индустрија, ова што го велам, во многу наврати го потврдуваат.

Не залудно на Запад се воведуваат строги санкции за газдите. Затоа и таму работниците ги уживаат своите права. Па, се додека не се воведат и тука строги санкции и во пракса се спроведуваат, нема да имаме задоволни работници. Незадоволството на работниците има најголемо влијание врз ситуацијата со „недостатокот на кадар за потребите на стопанството“. Едноставно работниците не гледаат иднина во својата држава, па наоѓаат алтернативни начини т.е. заминуваат во странство.