ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ЌЕ ИЗЛЕЗАТ МАСОВНО НА ПРОТЕСТ АКО НЕ СЕ ИСПОЛНАТ НИВНИТЕ БАРАЊА
Доколку не се исполнат барањата на Синдикатот на клинички центар, ќе има нови протести. Ова го истакна потпретседателот на синдикатот д-р Предраг Серафимовски.
На прашањето дали досега се сретнале со новиот министер за здравство, Серафимовски истакна дека упатиле јавен повик, но и дека испратиле писмена молба да ги прими на разговор.
„Мислам дека имаме добиено одговор дека во текот на наредната недела ќе не прими на состанок. Се надевам дека поради тоа што и самиот министер е вработен во клинички центар и ги знае состојбите таму и што се случуваше во последниот период, ќе имаме добра соработка и дека ќе се бори да ги зголеми платите и да ги заштити правата на белиот мантил. Така кажа и на седницата на Собранието пред да го назначат“, рече Серафимовски.
Прашан за тоа дали од Владата биле повикани на средба, Серафимовски посочи дека „од Владата се постојано флексибилни и отворени за комуникација уште од ноември, а сега сме март месец“.
„Постојано се флексибилни, но досега се немаме ни видено, ни слушнато, ни разговарано“, рече Серафимовски.
Барањата на Синдикатот на клинички центар се да им се дадат ветените 10 % зголемување на плата годишно. Од вкупно 30 % што им ги ветила Владата пред три години, само 5 % им се исплатени, рече тој. Бараат и скалесто да се покачат платите согласно минималната плата за 2,806 денари.
Серафимовски најави дека доколку не се исполнат нивните барања, ќе организираат масовен протест.

