Институциите да не забораваат на протоколите кога организираат настани за медиумите
Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници уште еднаш апелира до институциите да овозможат услови за безбедно информирање во време на коронавирус пандемијата .
Денеска до ССНМ реагираа повеќе наши членови за начинот на кој беше организиран настан по повод Светскиот ден на наставниците .
Настанот кој што се одржа на градскиот плоштад беше отворен со инсталација со „училишни ранци“ на столчиња кои симболично претставуваа признание и благодарност за наставниците . Со образложение дека тоа е инсталација, на медиумските работници не им беше дозволено да седат на тие столчиња . Поради тоа, новинарите и снимателите стоеја еден до друг, без никаква можност за потребната дистанца според здравствените протоколи за заштита од коронавирусот .
Потенцираме дека ова не е прв ваков случај, напротив, речиси секојдневно министерствата, но и некои локални самоуправи организираат прес-конференции или изјави, на кои иако се на отворено не се запазени мерките за заштита од коронавирусот, па новинарите и медиумските работници се ставени во неадекватни услови да ги извршуваат своите работни задачи .
ССНМ бара од носителите на власта да покажат чувство на одговорност и да не ги доведуваат во опасност медиумските работници .
Апелираме до колегите, без оглед на претпоставениот јавен интерес, во иднина да ги напуштат прес-конференциите и сличните настани, ако проценат дека не се испочитувани здравствените протоколи, а по укажувањето организаторот не ги обезбеди потребните услови за заштита на здравјето .
Истовремено ги повикуваме медиумските работници максимално да ги почитуваат правилата и протоколите за заштита од коронавирусот додека ги извршуваат своите работни задачи, стои во соопштението на ССНМ.

