ИнтервјуаНовостиСветот на работникот

(ИНТЕРВЈУ) Ампева: Наместо да шират популизам, властите да донесат мерки за справување со ценовниот шок

   Време за читање 9 минути

Бобан Илијевски 

Интервју на Порталот Работник со Претседателката на Здружението за заштита на работнички права –  Гласен Текстилец, Кристина Ампева, во кое таа зборува за моменталната ситуација во текстилната индустрија, ветувањето на Премиерот за зголемување на минималната плата на 18,000 денари, како и на други теми.

Што се однесува до зголемувањето на минималната плата, Ампева во текот на интервјуто вели: 

Ако покачувањето на платата повторно е со политичка одлука, а особено во време на ваква економска глобална криза, нема да донесе ништо добро. Односно, дури сега би имало откази, затварање на мали, микро и средни претпријатија, ќе биде потребно ново субвенционирање од страна на буџетот кон приватните фирми и секако, неминовна е нова злоупотреба на државни пари. Наместо вакви популистички изјави во време на, пак да напоменам, ГЛОБАЛНА ЕКОНОМСКА КРИЗА, економистите и власта треба да донесат нови мерки за да се спречи ценовниот шок што го гледаме секојдневно, а особено го чувствуваат сиромашните, работниците.

Во продолжение целосното интервју:

Работник: Правата од работен однос на текстилните работници во екот на пандемијата беа значајно влошени. Сепак и претходно беа прекршувани и од страна на одредени работодавачи. Каква е моменталната ситуација кај текстилните работници што се однесува до прекршувањето на работничките права?

Ампева: Моментално има намален број на пријави што покажува дека се враќаме на некоја нормала, ако може да се нарече така. Пријавите кои стасуваат до правниот тим на Гласен Текстилец се во врска непријавени работници во задолжително социјално осигурување, а со тоа и немање на договори и не исплатена плата. Понатаму, пријави за работа на празник, работа во недела како ден на неделен одмор, прекувремена работа, не соодветно исплатен додаток за сменска работа во фирми каде има три смени, како и не издавање на листови за плата и немање на електронска евиденција на работно време. . 

Работник: Според Вас, каква лекција им „одржа“ пандемијата на работодавачите, но и на работниците? Што, условно кажано, ги подучи?

Ампева: Искрено, драго ми е што нашиот глас се слушнал подалеку, па деновиве имавме прилика да гледаме на социјалните мрежи дека дел од компаниите во текстилната индустрија почнуваат да мислат на конкурентност, на нови пазари, сопствени производи, автоматизација и модернизација во производството. Се надевам дека искрено го мислат тоа. А оние кои ќе останат во лон производството, преку притисок од нас како здружение во Македонија и дел од глобалната мрежа Clean Clothes Campaign, да биде јасна пораката до странските брендови дека плата за живот и достојни услови за работа морат да бидат обезбедени во фирмите каде работат, а се на територија на нашата држава.

Но не мислам дека дел од работодавачите научиле некоја лекција во врска почитување на здравјето, безбедноста при работа и законите, односно, немавме строг одговор од системот за да им е јасно дека е недозволиво не почитување на работничките права, злоупотреба на државни пари и не одговорност во заштита на здравјето на нивните вработени.

Работник: Премиерот најави дека до крајот на годината минималната плата ќе достигне до 18,000 денари. Дали ова покачување на минималната плата значајно би влијаело врз платите на текстилните работници, со оглед дека во текстилниот сектор чести се појавите на исплаќање на плата под минималната? Тука би сакал и да Ве прашам, како според Вас, би требало да се осигура дека работниците ќе земаат минимална плата? Што треба да се преземе да се осигура ова?

Ампева: Секое покачување на минималната плата треба да биде поддржано од било кој синдикат или здруженија кои работат на оваа проблематика. Но проблемот е друг. Ако покачувањето на платата повторно е со политичка одлука, а особено во време на ваква економска глобална криза, нема да донесе ништо добро. Односно, дури сега би имало откази, затварање на мали, микро и средни претпријатија, ќе биде потребно ново субвенционирање од страна на буџетот кон приватните фирми и секако, неминовна е нова злоупотреба на државни пари. Наместо вакви популистички изјави во време на, пак да напоменам, ГЛОБАЛНА ЕКОНОМСКА КРИЗА, економистите и власта треба да донесат нови мерки за да се спречи ценовниот шок што го гледаме секојдневно, а особено го чувствуваат сиромашните, работниците. Гледаме во соседството веќе дека државите спречуваат поскапувања со замрзнување на цени. Па нашите власти можат да видат и применат како навистина да му помогнат на сопствениот народ при вакво зголемување на цени на деривати, основни продукти…

Воедно , проблемот на кој укажуваме веќе подолг период е системот за исплата на бруто плата, па затоа гледавме и ќе гледаме помала исплата на минимална плата и онакви срамни суми од по неколку денари. Овде треба системот да реагира, требаше многу поодамна, за да нема злоупотреби при исплата на законски загарантираната минимална плата. Ова се решава ептен лесно, треба само политичка волја. Во спротивно џабе ви се ветувањата од 1000 евра плата, ако системот дозволува исплата на плата без да се исплатат придонеси и законски загарантираната минимална плата.

Работник: Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ бурно реагираше откако се актуелизираше нацрт – Законот за административни службеници, кој предвидува нивното работно време да биде 36 часа, а во петок да работат само 4 часа. Прашањето ми е, зошто според Вас, надлежните не креираат законско решение кое би било во насока да ги унапреди правата на работниците во приватниот сектор, како намалување на работното време на 36 часа или пак воведување на четиридневна работна недела, по принципот на некои европски земји?

Ампева: Па да, за жал реагиравме две здруженија и еден синдикат во врска со евидентната дискриминација меѓу вработените од јавен и приватен сектор во овој предлог закон. Другите молчеа, како на пример Сојузот на синдикати на Македонија, што е срамно за една таква институција која се нарекува заштитник на вработените и репрезентативен синдикат. Но секако, таков еден закон нема и не смее да помине каде се прави разлика меѓу вработените и поголеми поволности за едни наспроти други. Доколку сметаат нашите избраници од Собранието и власта дека треба да се донесе таков закон, јас гарантирам дека нема да останеме со скрстени раце. Сите сме исти пред Уставот и законите. И нема отстапка од тоа. Второ, далеку сме ние од развиените европски земји и сега имаме поголеми приоритети и справување со ефектите од кризата која никако да заврши, наместо да измислуваме “топла вода”. Колку и да звучи анти синдикално, сепак нашата економија не може сега да дозволи не продуктивност и трансформации со воведување на ново работно време. Треба да се трудиме евиденцијата на вработените од приватен сектор да е ефикасна, како би имале реална исплата на додатоци на плата , прекувремена работа, работа на празник и забрана за работа во ден недела.

Работник: Би сакал и да Ве прашам за тоа колку текстилни работници се останати без работа, како и дали имате сознанија за текстилни работници кои ги напуштаат своите работни места и одат да работат во други сектори или пак се иселуваат од државата?

Ампева: Ние живееме во Штип, имаме постојана комуникација особено со работниците од источниот регион. Иселувањето е застапен процес во нашиот регион, со години наназад. Но сега е особено изразено поради тоа што ние имаме иселеници од овие градови, па сега кога нивните фамилии останаа без работа, тие ги повикуваат кај нив во земјите каде што работат и живеат. Луѓето се снаоѓаат, си одат за да имаат егзистенција за себе и своите деца. И тоа не е за зло. Ние сме криви како систем што не им обезбедуваме работа, услови, достоинствен живот и се приморани да си одат од своите домови во потрага за подобар живот. Тоа е човечки инстинкт. За други сектори нема толку можност за вработување бидејќи во источниот регион е застапена текстилната индустрија.