Останато

Кордалов: За да заработувате како „Јутубер, Инфлуенсер и Блогер“, треба да знаете како да се „продадете“

Бобан Илијевски

Јутубер, блогер, инфлуенсер – дали овие три нови сфери коишто во светски рамки одамна се појавија, а во Македонија земаат се поголем залет, можат да се сметаат за професии, или поточно за „професии на иднината“?

Во Македонија на Јутуб сцената, во последниот период, се појавија голем број на имиња кои креираат различни содржини на македонски јазик. Целта на било кои од овие три горенаведени сфери е да добијат што е можно повеќе следбеници (subscribers), но и прегледи, преку креирање на интересни содржини кои би ја поттикнале публиката да ги следи. 

Порталот Работник реши да ја отвори темата за тоа дали јутубер, блогер и инфлуенсер можат да се сметаат за професии, со оглед на тоа дигиталните платформи, немаат својство на работодавач, тука им овозможуваат на креаторите на содржини да ги објавуваат истите на нив и со тоа да заработуваат. Подолу во текстот ќе стане збор и за тоа колку се заработува од Јутуб и кои критериуми треба да се исполнат за да се оствари заработка од оваа дигитална платформа. 

За таа цел, порталот Работник побара став од комуникологот Бојан Кордалов којшто воедно е и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми. 

Јас сум демократ по убедување и верувам во изреката која вели дека само промената е вечна. Вака започнува одговорот на Кордалов во изјавата за Работник. „Со самото тоа ја поздравувам и се радувам на секоја нова професија, зошто тоа значи повеќе можности за сите, а особено за младите луѓе кои всушност ги креираат професиите на сегашноста и иднината. 

Тој како потврда за неговата теза го дава примерот со мејнситрим професиите кои, како што вели, не биле баш воодушевени од тогаш новопојавените професии како психолог – терапевт, менаџери за односи со јавност…

Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми Фото: Фејсбук

Или пак, пред 20 години да кажевте дека уредник или новинар во интерент портал станува сериозна професија еднакво вредна на секоја друга, ретко дека ќе беше тоа препознаено од мнозинството, вели Кордалов. 

Кордалов стави акцент на тоа дека убавината на новото време и неограничените можности кои ги донесе дигитализацијата е тоа што речиси секој има многу поголеми шанси да се пробие, истакне, да просперира или да се промовира и да заработи. 

Не е воопшто важно дали доаѓате од мало населено место кое е стотици километри оддалечно од главниот град, ниту дали живеете на југот на Европа или, пак, во некоја од најважните земји, објасни Кордалов и додаде дека најважно е да се има концепт, стратегија, да се работи напорно и да се нема страв од промени, но и да се има пристап до квалитетен интерент. 

Неговиот заклучок е дека јутубер, инфлуенсер, блогер итн. се професии за кои побарувачката расте и кои имаат потенцијал да бидат повеќе значајни во иднина, притоа нагласи дека има уште една многу важна работа кога станува збор за овие професии, а тоа е дека буквално важи правилото денес може да бидете на врвот, а веќе утре да бидете целосно заборавени. „Тоа е мотивација за секој јутубер/ка да се докажува постојано. Но, не со екстремни или непристојни објави, туку првенствено со многу креативност, новитети и општествена одговорност кон заедницата“, вели Кордалов. 

Инфлуенсерите кои си дозволиле да станат само „машини за заработка“ во тој момент почнуваат да го губат кредибилитетот кај својата публика, вели Кордалов и дополнува дека публиката сака емоции, се врзува за личноста, каузата што ја застапува итн. 

Предупредува дека доколку дојде до занес за тоа дека може да се „продава“ секаква содржина и амбуш маркетинг на публуката, во тој случај ќе се направи истата грешка на балканските политичари кои „мислат дека се толку популарни, па што и да направат, макар тоа било нешто несоодветно или погрешно, дека ќе помине незабележано и без соодветна казна“. 


Кога станува збор за заработувачката, повеќето јутубери, инфлуенсери и блогери во Македонија избегнуваат да зборуваат јавно за тоа колку заработуваат, што реално е лично право. Сепак, одговорот на ова прашање ги интересира голем број од луѓето, особено младите и оние кои планираат да се бават со некоја од овие професии. 

Според Кордалов, заработувачката, како и во секоја друга ваква професија, зависи од тоа како и колку знаете да се „продадете“, односно промовирате, но и од тоа колку искрен однос градите со публиката т.е. дали ќе ги исполните или изневерите нивните очекувања. 

Видлив е и друг тренд, а тоа е интервенирање со лажни профили и следачи, за да е зголеми бројката на следбеници, гледања и слично, што на долгорочен план е многу погрешно. 

Кордалов, вината за појавата на ваквиот тренд ја наоѓа во маркетинг агенциите кои наместо да изградат критериуми за тоа што е инфлуенсер или јутубер, се фокусираат само на бројките на нивните следачи или претплатници на каналот. Тука потенцираше дека „инфлуенсер е секоја личност која врши влијание, а второстепен е бројот“, давајќи пример за тоа дека еден доктор или нутриционист може да го следат 5,000 луѓе, но да биде померодавен и повлијателен за својата публика, отколку личност која ја следат 15,000 луѓе на социјалните мрежи. 

Со една реченица, важно е како ќе се ‘продадете’, но за да бидете успешни во тоа треба да имате првенствено вистинска стратегија, напорна работа и искрен однос со вашата публика. Колку и да е важно, не е доволно само да имате добра екипа од фотограф, шминкер или копирајтер. Треба многу повеќе од бројки и статистики за да бидете влијателни, а со самото тоа и да ја оправдате својата професија како јутјубер, блогер или инфлуенсер“, рече Кордалов.