МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

КСС денеска на протест: Решението е едноставно – зголемување на бодот на вработените во јавната администрација

Гранските синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати во Македонија денеска ќе одржат протест кој ќе започне од 15 и 30 часот пред Собрание, по што ќе продолжи пред Владата.

Од КСС велат дека протестот го организираат поради тоа што платите во јавниот сектор веќе четири години не се усогласуваат со растот на минималната плата, како што е предвидено во членот 8 од Законот за минимална плата. Од таму порачаа дека треба да престанат манипулациите со вработените и да им се овозможи она што законски им следува.

КСС во неколку наврати повтори дека според Индексот за правата на работниците на Светската конфедерација на синдикати, во Македонија системски се прекршуваат работничките права, а тоа значи дека самата Влада ги прекршува работничките права.

Решението, според Конфедерацијата, е зголемување на бодот на вработените, но велат дека истото Владата не сака да го земе во предвид поради тоа што државата, како и целиот свет се соочува со кризи.

Потенцираат дека кризите се одразуваат и врз џебовите на вработените, поради тоа што цените на основните производи се зголемуваат, па и нив им се потребни пари за да можат да се справат со истите.