Личен брендинг во земја со илјадници работници без формални договори: За кого е LinkedIn?
На LinkedIn сите се претставуваме како „results-driven“ (ориентирани кон резултати), „innovative thinkers“ (креативци) и „team players“ (тимски играчи). Постојано објавуваме наши достигнувања, споделуваме „life lessons“ (животни лекции), се тагнуваме на разни конференции и славиме кога некој ќе добие унапредување. Но надвор од оваа дигитална канцеларија, во Македонија, илјадници работници сѐ уште немаат договори за вработување, немаат стабилна плата, а најчесто – немаат ни LinkedIn профил. Тие се целосни анонимуси за деловниот свет.
📉 Две реалности
Додека еден дел од професионалниот свет во Македонија се занимава со тоа како да изгради „личен бренд“, другиот води борба за преживување на пазарот на трудот. Според последните податоци, кои ги споделив и во минатата колумна, над 80.000 припадници на македонската работна сила се дел од неформалната економија. Во одредени сектори – како градежништвото, угостителството или домашна нега – неформалноста е норма. Во таков контекст, вистинското прашање – она кое треба да се постави не е „како се брендираш“, туку „дали те има воопшто во системот на државата?“
💼 Што значи личен брендинг?
Личниот брендинг во суштина е претставување на себеси како професионалец – со јасна слика за тоа што знаеш, што можеш и зад што стоиш. Ова може да биде корисно, дури и неопходно, особено за оние што работат на динамични работни места, дигитални професии или во интернационални компании. За фриленсерите, претприемачите, ИТ – експертите, маркетинг менаџерите – LinkedIn е алатка за видливост и вмрежување.
Но проблемот настанува кога овој дискурс – полн со англицизми и „success stories“ (успешни приказни) се прогласува за универзален. Некои луѓе не го владеат англискиот јазик толку добро, а со тоа немаат никакво познавање од термините кои наголемо се користат на социјалната мрежа.
🧱 Пазар на труд со скршени темели
Каков личен брендинг може да гради келнер кој секој втор месец менува кафуле, а притоа најчесто работи без договор и без здравствено? Или градежен работник кој работи на скеле на петти кат од некоја зграда без никаква заштита? Во земја каде што голем дел од младите, но генерално и сите останати, се вработуваат преку „врски“, а искуството значи помалку од партиската припадност, „градењето бренд“ често звучи како маркетинг за промоција на празно CV.
И тоа не е вина на поединецот – туку на системот што не го препознава трудот ако не е формализиран и брендиран по „западен терк“.
🤳 Дигитална отуѓеност
На LinkedIn, многумина чувствуваат дека мора да играат некаква игра. Имаат голема потреба да наведат дека се „growth-oriented“ (ориентирани кон раст), дури и кога се заглавени на работно место без перспектива. Да слават „успеси“, иако дома носат преголем стрес. Иронијата е во тоа што токму тие што се најгласни онлајн, често не се најуспешни офлајн – туку се нај-прилагодени на алгоритамот.
Во меѓувреме, вистински вредните професионалци – мајстори, медицински сестри, техничари, возачи – ретко се појавуваат на оваа платформа. Не затоа што немаат што да кажат, и тоа како имаат, туку затоа што никој не ги учел како.
🔄 Може ли да се помират двете реалности?
Да. Но само ако престанеме да гледаме на личниот брендинг како на натпревар во хаштагови и лични мантри. Вистинскиот брендинг почнува со искреност и со препознавање на контекстот. Не е проблем што постои LinkedIn – туку што сѐ уште не постои LinkedIn за луѓето кои работат надвор од канцеларии и презентации. Затоа можеби LinkedIn треба да воведе некакви промени на мрежата кои би им овозможиле полесен пристап на оние кои не се премногу дигитално умешни. Нема да кажувам како, бидејќи не е моја експертиза. Социјалната мрежа има еден куп експерти кои можат да најдат начини како да го направат тоа.
Ако навистина сакаме да имаме по-инклузивен пазар на труд, треба да го прошириме поимот за „професионалец“. Да ги вклучиме оние што работат чесно, дури и кога немаат профил, ни диплома, ни објави со по 300 лајкови на оваа социјална мрежа.

