ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Лукаревска објасни како треба да се аплицира за финансиската поддршка за работниците

Во рамките на петтиот пакет мерки донесени се законот за работодавачите погодени од здравствено – економската криза предизвикана од вирусот Ковид – 19 заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година, Закон за исплата на физички лица кои вршат самостојна дејност, исто така за овие два месеци и законот за изменување на законот наличен доход, рече директорката на УЈП Сања Лукаревска на денешната прес – конференција.

За да може работодавачот да добие финансиска помош, треба да поднесе барање за исплата на финансиска поддршка за исплата на платите на работниците БФПИП/3, за секој месец посебно преку системот „Е- даноци“, најдоцна до 31 април 2021 година. Управата за јавни приходи веднаш или најдоцна до три дена ќе достави повратен одговор до работодавачот за комплетноста на барањето, истакна Лукаревска.

Работодавачите кои имаат комплетни барања, понатаму поднесуваат МПИН пресметка со која побаруваат финансиска поддршка за работниците со шифра 5002, а УЈП по добивањето на пресметката го информира работодавачот за тоа дали ги исполнил условите и за вкупниот износ на финансиска поддршка која ќе му биде исплатена за соодветниот месец, посочи Лукаревска.

„По обработка на податоците УЈП ја информира Владата, односно Генералниот Секретаријат за работодавачите коишто ги исполниле условите за добивање на финансиската поддршка, најдоцна до пет дена од прифатениот МПИН образец. Условите од Законот за финансиската поддршка се истите од претходниот закон, односно работодавачот треба да има пад на приходите од најмалку 30 %, да не се врши исплата на дивиденда и награда за деловна успешност, работникот да нема остварено поголема нето плата од 39,900 денари во претходните четири месеци, работодавачот да не исплаќа поголема нето плата од 120,000 денари за месецот за кој се бара финансиската поддршка, на повеќе од 10 % од вкупниот број на вработени, да не користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, работникот да не е пријавен на дополнително работно време и работодавачот во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017,2018 и 2019 година да има остварено кумулативно акомулирани добивки пред оддночувањето помали од 600 милиони денари“, истакна Лукаревска.

Таа потенцираше дека за месецот за кој се бара поддршка, работодавачот треба да има ист или поголем број на вработени, споредбено со месец декември 2020 година, со исклучок на одјавените работници по определените услови согласно Законот за финансиска поддршка. Овој услов немаат обврска да го исполнат работодавачите коишто вршат угостителска дејност , односно дејности за подготовка и служење на храна и објекти за сместување, како и транспортната дејност, односно копнен и цевоводен транспорт кои поради здравствени протоколи имаат затворено најмалку 50 % од своите капацитите преку коишто го остваруваат прометот.

Висината на изност на финансиската поддршка по вработен ќе зависи од процентот на намалување приходите на работодавачот и истата се движи од 14,500 за пад на приходите од 30 до 40 %  до 21,776 денари за приходи кои се намалени над 80 %, рече Лукаревска и додаде дека средствата од финансиската поддршка се враќаат до 50 % од финансиската поддршка, по доставено решение на УЈП, најдоцна до 15 февруари 2022 година, а под услови определни со законот постои можност за трансформирање на финансиската поддршка во грант.

Таа истакна дека поднесувањето на барањето за финансиската поддршка ќе биде овозможено веднаш по објавата на подзаконскиот акт во Службен весник. 

„Сите обврзници коишто ја имаат исплатено платата за месец февруари и март 2021 година, можат да поднесат исправки на МПИН пресметките со внесување на шифра за финансиска поддршка, а обврзниците коишто не ја исплатиле платата треба повторно да ја поднесат пресметката“, рече Лукаревска.

Таа напомена дека предвидени се казнени мерки за оние коишто даваат лажна изјава за исполнетост на условите, како и прекршочни мерки за оние кои не ја исплатиле финансиската поддршка или исплатиле помал износ, а јавно и транспарентно ќе бидат објавени и сите оние кои зеле финансиска поддршка, но не ја исплатиле на вработените. 

Бобан Илијевски