Лукаревска призна дека има фирми кои свесно им исплаќаат 5 денари плата на вработените
За март 2023 година, 69,036 работодавачи имале обврска да поднесат МПИН пресметки за 550,362 вработени лица. До 15 јуни, оваа пресметка не ја платиле 1,917 работодавачи, додека 5,048 воопшто не поднеле МПИН пресметка. Ова го рече Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска во вчерашната емисија на ТВ24, „Аргумент плус“.
„За месец април 69,008 работодавачи требало да имаат обврска за МПИН. До 15 јуни пресметката не ја платиле 2,964 работодавачи, додека 5,267 сѐ уште не поднеле МПИН пресметки. И на крај за месец мај, обврска да поднесат МПИН пресметка имале 69,143 работодавачи. МПИН пресметката не ја платиле 15,656 работодавачи, додека 6,227 работодавачи воопшто не поднеле МПИН пресметка за овој месец“, информираше Лукаревска.
Посочи дека со оглед на тоа дека овие податоци се тазе, дека состојбата би се променила од почетокот на следната недела.

Во однос на дејностите каде што се немаат исплатено плати, како што рече директорката на УЈП, се повторуваат континуирано истите. Меѓу нив се: послужување на храна, товарен патен транспорт, изградба на станбени и нестанбени згради, трговија на мало во неспецијализирани продавници (претежно со храна, пијалаци и тутун), фризерски салони, одржување и поправка на моторни возила, адвокатски дејности, активности на верски заедници и агенции за привремени вработувања.
Лукаревска призна дека има работодавачи кои свесно поднесуваат плата од 5 денари.
„Ние тука можеме да алармираме и сме алармирале со отворање на даночна контрола насочена по однос на данокот на личен доход. Инаку ги преземаме сите други дејствија на присилна наплата, во делот на опомена, решение за присилна наплата итн.,. Откога ќе ги блокираме обврзниците, тие потоа плаќаат и така всушност ја исплаќаат платата на своите вработени“, рече таа и додаде:
„Меѓутоа, бидејќи имаме меморандум за соработка со Државниот инспекторат за труд, секој месец им доставуваме листа на работодавачи кои немаат поднесено МПИН пресметка и врз основа на тоа тие понатаму продолжуваат со своите контроли, и знам дека навистина дел од тие контроли даваат резултати“.

