ЕкономијаМакедонија

Мицкоски: Поврзувањето е клучот за економски раст, Македонија мора да ја искористи својата геостратешка позиција

На Самитот 2026, организиран од „Македонија 2025“ под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“, премиерот Христијан Мицкоски денеска нагласи дека иднината на економскиот развој на државата зависи пред сè од поврзувањето како стратешка предност.

Во своето обраќање, тој посочи дека Северна Македонија сè уште ја гради основата врз која треба да се темели посериозен раст, оценувајќи дека токму тоа е клучниот предизвик во овој момент.

„Ако се постави прашањето која е нашата реална компаративна предност, одговорот е јасен – тоа е географската позиција и улогата на крстосница меѓу важни европски коридори. Ние сме точка на спојување на Коридорот 10, кој ја поврзува северна и јужна Европа, и Коридорот 8, кој воспоставува врска меѓу централна Европа и Медитеранот преку Јадранското, Јонското и Црното Море“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека токму оваа позиција на раскрсница меѓу транспортни и економски текови е единствената предност што не може лесно да се најде во соседството или пошироко во Европа.

Според него, доколку земјата навистина го искористи овој потенцијал и го претвори во функционален систем на поврзување, тоа би можело да стане основа за поширок економски развој во сите други сектори. Во спротивно, како што посочи, останува неискористена можност која со години стои пред државата.