Најголемиот дел од невработените биле на договори на определено работно време
Бобан Илијевски
Според Прегледот на регистрирани пријави на засновани работни односи од евиденција и надвор од евиденција на невработени лица, на Агенцијата за вработување, од 1 јануари 2021 година до мај месец имало вкупно 77,124 регистрирани пријави на засновани работни односи на луѓе кои се водат во евиденцијата на Агенцијата, но и кои се надвор од евиденцијата на невработени лица, односно не се пријавуваат во Агенцијата за вработување.
Од нив 33,310 биле вработени на неопределено работно време, а 43,814 биле на договори на определено работно време или извршувале сезонски работи.
Гледајќи според евиденцијата на вработени, вкупно 17,218 луѓе биле вработени на неопределено работно време, на определено работно време или извршувале сезонски работи. Од вкупниот број, 5,411 биле вработени на неопределено работно време, а 11,807 биле вработени на определено работно време.
Според податоците за невработените коишто се надвор од евиденцијата на Агенцијата за вработување, 59,906 лица биле вработен на неопределено и определено работно време или извршувале сезонски работи. Од нив 27,899 биле вработени на неопределено работно време, додека 32,007 биле вработени на определено работно време или извршувале сезонски работи.
Кога ќе се направи споредба на податоците од јануари до април и од јануари до мај, ќе може да се види дека бројот на вработени кои работеле на определено време се зголемува. Имено, во април, вкупниот број на регистрирани пријави на засновани работни односи од евиденција и надвор од евиденција изнесувал 62,170, додека во мај, како што може да се види погоре изнесувал 77,124, со што се зголемил за 14,954 пријави.
Што се однесува на вкупниот број на вработени на неопределено работно време, во април тој изнесувал 26,856 лица, со што е зголемен за 6,454 лица. Иако има раст во бројот на работни односи на неопределено работно време, има раст и на бројот на договорите на определено работно време. Во април овој број изнесувал 35,314, додека во мај бил 43,814, со што бележи зголемување од 8,500 лица кои биле вработени на определено време или извршувале сезонски работи.
Кога ќе се направи и споредба помеѓу невработените кои се во евиденцијата на Агенцијата за вработување, ќе се увиди дека пораснал бројот на лица коишто работеле на неопределено време, но уште повеќе е пораснат бројот на лица кои работеле на договори на определено работно време.
Во прилог следуваат две табели од Прегледот на регистрираните пријави на Агенцијата за вработување:


Фото: Freepik

