НИЕДЕН НАСТАВНИК НЕМА ДА ОСТАНЕ БЕЗ РАБОТА ИЛИ ДА ИМА НАМАЛЕНА ПЛАТА, така барем уверуваат надлежните
Бобан Илијевски
Со новата Концепција за основно образование ниеден наставник нема да изгуби од фондот на часови или пак да биде прогласен за технолошки вишок. Така, барем уверуваат од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, вели првиот човек на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК Јаким Неделков, во изјава за порталот Работник.
„Според анализите коишто ги направивме и по однос на изминатите преговори со надлежните од Министерството за образование и Бирото за развој на образованието, мислиме дека ниту еден наставник нема да остане без работа и дека ќе имаат фонд на часови кои ќе ги исполнува критериумите за наставниците да земат полна плата“, рече Неделков.
Инаку, со новата наставна концепција за шестто одделение се предвидува предметот географија да се изучува во рамките на предметите природни науки и општествени науки. Историјата пак, ќе биде дел од предметот историја и општество кој ќе се изучува од 6-то до 9-то одделение, додека етика на религии ќе остане слободен изборен предмет.
Директорот на Бирото за развој Зекирија Хасипи е дециден дека наставниците по предметите кои ќе се интегрираат во други нема да останат без работа.
„Никој нема да остане без работа. Со новата концепција наставниците имаат шанса да изработат програми од слободни изборни предмети и со тие програми може некој наставник да има полн фонд на часови. Овие предмети ќе ги предаваат истите наставници, но секој ќе предава свој предмет на своја тема“, истакна Хасипи, пренесува Либертас.
Неделков рече дека следната недела ќе имаат средба со Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на која ќе биде дискутирано и за новата концепција.
Неодамна, здруженијата на географии покренаа петиција и доставија барање до МОН и БРО против новата концепција, со објаснување дека истата ќе предизвика пропусти во понатамошниот образовен процес.

