Нови 306 работодавачи добиле државни пари, а не исплатиле плата
За декември 2020 година поднесени се 13,721 барање ППИП/2 на 13,160 работодавачи и вкупно се исплатени 961, 709,366 денари за вкупно 60,974 вработени, рече директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на денешната прес – конференција.
„Со состојба од 2 февруари од 2021 година, 306 работодавачи коишто примиле финансиска поддршка во износ од 16,305,020 денари и не ја исполниле обврската за исплата на плата за 992 работници“, рече Лукаревска.
За работодавачите коишто не ја исплатиле декемвриската плата, изготвени се и доставени опомени за неисплатена плата, вели таа.
По истекот на рокот по опомената против оние коишто нема да ги исплатат платите ќе следи спроведување на постапка за присилна наплата, наплата со блокада на паричните средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица и на уплатените сметки за јавни приходи, истакна Лукаревска.
Работодавачите коишто примиле финансиска поддршка за исплата на декемвриската плата, а истата не ја исплатиле се од следните дејности:
- 78 работодавачи се од дејноста трговија на мало коишто примиле финансиска поддршка од 2,219,584 денари и на 145 вработени не исплатиле плата.
- 44 компании кои вршат подтовка на оброци и служење на хранапримиле помош од 2,239,825 денари и на 130 вработени не им исплатиле плата.
- 26 компании од дејноста градежништво примиле помош од 944,106 денари и на 57 вработени не исплатиле плата.
Лукаревска истакна дека тука влегуваат и дејностите: транспорт, трговија на големо, трговија на големо и мало со моторни возила и моторцикли и услужни дејности.
Според регион, најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје, 92 компании, Тетово – 63 и Гостивар – 16 фирми, рече Лукаревска.
По спроведените активности, посочи таа, на Управата за јавни приходи, намален е бројот на компаниите коишто примија финансиска поддршка за исплата на октомвриската плата, па истата не ја исплатиле на работниците. Од првичните 179 компании, бројот е намален на 11 компании коишто за 34 вработени примиле финансиска поддршка од 579,639 денари.
„Кај овие компании во тек е постапка на присилна наплата за неисплатена плата од парични средства на трансакциската сметка. За ноември 2020 година, од првичните 245 обврзници коишто примија финансиска поддршка, а не ја исплатија платата, бројот е намален на 24 обврзници коишто за 50 вработени, не исплатиле плата а примиле примиле финансиска поддршка во износ од 754,452 денари“, рече Лукаревска.
По постапката за присилна наплата заради неисплатена плата за април, мај и јуни 2020, се намалува и бројот на работодавачи коишто ја должат платата за овие месеци, така што состојбата на 2 февруари 2021, сеуште не исплатиле априлска плата -47 компании, за 102 вработени. Плата за мај не исплатиле 33 компании, за 63 вработени и јунска плата не исплатиле 54 компании за 45 вработени.
Вкупниот број на компании кои сеуште не исплатиле плата за еден, два или за сите три месеци изнесува 109 компании.
Лукаревска истакна дека за овие компании доставени се детални податоци во Јавното Обвинителство, за покренување на кривична постапка и кај истите се извршени контроли во координација со Државниот инспекторат за труд.
За сите преземени дејствија и информации за спроведените контроли, ќе известат заедно со Државниот инспекторат за труд во вторник, следната недела, рече Лукаревска.
Бобан Илијевски

