СветСветот на работникот

Нов бран откази! „Епик гејмс“ отпушта повеќе од 1.000 работници

Американската компанија „Епик гејмс“ соопшти дека ќе отпушти повеќе од 1.000 вработени, бидејќи бележи пад на ангажманот на корисниците во својата најпозната видео игра, „Фортнајт“.

Од компанијата наведоа дека во моментов трошат значително повеќе пари отколку што заработуваат и дека се неопходни големи резови за да се одржи финансиската стабилност на бизнисот.

Засегнатите работници ќе добијат најмалку четири месеци отпремнина, порачала компанијата во објавата што ја пренесува „Ројтерс“.

„Епик гејмс“ вели дека, заедно со отпуштањата, ќе заштеди повеќе од 500 милиони долари со намалување на трошоците за надворешни соработници, маркетинг и затворање на дел  непополнети работни места.

Втор голем бран отпуштања

Ова е втор голем бран отпуштања во „Епик гејмс“ во последните три години, откако компанијата веќе укина 830 работни места во септември 2023 година од слични причини.

Извршниот директор Тим Свини им порачал на вработените дека компанијата троши повеќе отколку што заработува откако користењето на „Фортнајт“ почнало да опаѓа во текот на 2025 година.

Минатата недела, „Епик гејмс“ веќе ја зголеми цената на валутата V-Bucks во играта „Фортнајт“, со образложение дека трошоците за одржување на играта значително се зголемиле.

„Фортнајт“ е бесплатен за играње, но заработува кога корисниците купуваат дигитални додатоци преку V-Bucks, објавува порталот Verge.

Тоа не му дава на играчот голема предност во самата игра, но Eпик од голем број такви купувања заработува огромна сума.

Затоа, падот на ангажманот е важен, бидејќи кога луѓето играат помалку, тие обично и трошат помалку.

Само на iPhone, играта претходно донесе повеќе од 700 милиони долари за две години, додека поширокиот „Епик гејмс“ екосистем денес има стотици милиони корисници.