Од ноќеска на полноќ нови цени на горивата, одлучи РКЕ
Цената на горивата од ноќеска на полноќ се намалува за два денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,7 отсто.
Со одлуката на РКЕ за 1,5 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 40,5 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 6,3 отсто, кај дизелот за 5,5, кај екстра лесното масло за 5,7 и кај мазутот за 5,9 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 1,1 отсто.

