Очекуваат отворање на 72 % нови работни места – Планираат да инвестираат над 161 милион евра
Бобан Илијевски
Стопанската комора на Северна Македонија во периодот од 30 јули до 25 август спровела анкета помеѓу своето членство (480 компании) во однос на тоа колку би инвестирале во следните 12 месеци, односно од септември 2021 до август 2022 година. Ова на денешната прес – конференција на Стопанската комора на Северна Македонија го истакна М-р Антонета Манева – Ставревска.
Според големината, 16,7 % од компаниите кои учествувале во анкетата се микро, 20,8 % се мали, 31,2 % се средни и 31,2 % се големи компании. Гледано по сопственичката структура 64,6 се во доминантно домашна сопственост, додека 35,4 % се во доминантно странска сопственост.
Од СКСМ истакнаа дека компаниите биле агрегирани според здруженијата на самата Комора во кои членуваат, па оттаму најголем број од компаниите коишто зеле учество во анкетата се од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали (22,9 %), 16,7 % се од Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија, 14,6 % се од Здружението за финансиски организации и 10,4 % се од Здружението за информатичко – комуникациски технологии.
Според годините на постоење, 72,9 % се компании кои се присутни повеќе од 10 години на пазарот, 12,5 % работат од 5 до 10 години, а 14,6 % работат од 1 до 5 години.
Во однос на тоа каде работат, 56,3 % од компаниите се насочени кон дома и странство, 31,3 % се насочени само кон Македонија, а 12,5 % работат само во странство.
Во периодот од септември 2021 до август 2022 година, 93,8 % од компаниите кои зеле учество во анкетата одговориле дека планираат да инвестираат, додека нивниот вкупен планиран износ за инвестирање изнесува над 161 милион евра.
75 % од компаниите се изјасниле дека планираните инвестиции во наредните 12 месеци ќе бидат повисоки од претпандемискиот период, односно од 2019 година, додека 37,5 % од нив рекле дека зголемувањето во однос на 2019 година ќе биде повеќе од 51 %.

Имено, планираните инвестиции од 161,054,020 евра се распределени на начин што над 58 милиони евра или околу 36,4 % од вкупниот планиран износ ќе биде инвестиран во машини и опрема; над 33 милиони евра или 21 % ќе бидат вложени во згради и земјишта; во ИКТ и софтвер ќе бидат вложени над 24 милиони евра или 15,5 %; над 6 милиони евра или 4,2 % се планирани да се инвестираат во истражувања и развој и над 36 милиони евра или 22,9 % се планирани за други инвестиции.

Анкетираните компании истакнале дека реализацијата на планираните инвестиции најмногу ќе придонесе за да се зголеми прометот (79,2 %), зголемена добивка (75 %), отворање на нови работни места (72,9 %), зголемено производство (68,8 %) и зголемување на извозот (52,1 %).
Манева – Ставревска посочи дека вкупниот ефект за државата во смисла на поголеми приходи на буџетот по основ на даноци, царини, акцизи, придонеси од плати, дозволи итн., е над 58 милиони евра, што е еднакво на 36,1 % од планираните инвестиции.
Компаниите посочиле дека ограничувачки фактори коишто може да влијаат на реализацијата на планираните инвестиции, во следниот период од 12 месеци се Законската регулатива и трошоците (даноци, парафискални давачки, дозволи и слично (62,5 % од компаниите); инфраструктура (43,8 %), недостаток на соодветно квалификувана работна сила (41,7 %); недостаток на средства (35,4 %); намалена побарувачка за производите/услугите (33,3 %) и други фактори (18,8 % од компаниите).
На прес – конференцијата беше наведено дека инвестициите се клучот за заздравување на македонската економија во период на пандемија, но на подлогорочен план и за остварување на неопходните стапки на БДП од над 5 %, со цел да се оствари побрза конвергенција со дел од земјите од ЕУ.
Фото: rabotnik.com.mk

