Послатко е сам да стигнеш до врвот, отколку некој друг да те постави таму
Бобан Илијевски
Постојано читам коментари на социјалните мрежи за тоа дека луѓето очекуваат големи плати веднаш штом ќе влезат на работа. Мислат дека веднаш треба да земат плата од 40,000 денари. Јас на ова сметам дека треба да реагирам, со оглед на тоа дека работите не одат така, па дури ни во западните економски развиени земји. Зарем мислите дека ако се вработите во некоја корпорација во Германија, дека веднаш ќе ви биде зголемена платата или дека ќе добиете унапредување. Се разбира дека не. Во секоја голема компанија, па и во Македонија постои систематизација на работни позиции, а воедно има и хиерархија. Потребно е време и труд за да се качи одреден вработен на повисоко ниво во компанијата.
Нормално е дека кога ќе се вработите во одредена компанија, без никакво искуство, да бидете ставени на најниската позиција, но тоа не значи дека нема да имате шанса да напредувате, напротив со тоа што ќе почнете од најниската работна позиција во компанијата, со текот на времето вие ќе се здобиете со најголемо искуство и кога ќе дојдете на некоја висока позиција, тогаш ќе ја познавате суштината на компанијата и ќе бидете еден од најдобрите менаџери. Впрочем, најдобрите менаџери во светот, не станале најдобри затоа што веднаш се вработиле на висока позиција, туку бидејќи започнале од нула и се искачиле на скалата на успехот.
Јас верувам во ова, иако живееме во држава каде политиката е навлезена толку длабоко, што дури е навлезена и во приватниот сектор. Но сепак, постојат корпорации коишто го ценат вистинското кариерно напредување и на раководни позиции назначуваат луѓе коишто се изградиле во вистински професионалци, со тоа што започнале од најниската позиција во компанијата.
И јас лично ги ценам таквите менаџери и директори кои знаат како е да се почне од нула и со своја пот да се искачи кон врвот на хиерархијата. И сметам дека треба сите да се стремиме кон тоа, но ќе речам повторно, луѓето во Македонија имаат изгубено верба во мотото дека се треба да се стекне со пот, гледајќи како одредени директори, политичари и менаџери се назначуваат на високи позиции само поради тоа што имаат партиска книшка од партијата којашто е на власт или пак имаат роднини кои можат да им овозможат без никакво искуство да бидат на некоја висока позиција.
Кога сме кај кариерното унапредување на транспарентен и фер начин, лично познавам многу примери и истите се светла точка во овој мрак којшто го создаваат политичарите од осамостојувањето на Македонија.
Мислам дека треба да сфатиме дека се што ќе постигнеме е послатко да го постигнеме со свој вложен труд, отколку некој да не стави на таа позиција. Ова е барем мое мислење. Но, промената треба да започне прво од оние коишто ја држат власта, па да се слева надоле, инаку таа нема да започне.

