Работа ноќно време – што е дозволено, а што е забрането?
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Работа ноќно време – што е дозволено, а што е забрането?
Законот за работни односи ја уредува и работата ноќе, која се смета од 10 часот вечерта до 6 часот наутро. Работодавачот, кој користи редовно работници за ноќна работа има обврска за тоа да ја извести инспекцијата на трудот. Во законот е предвидена забрана за работа на работнички од областа на индустријата и градежништвото ноќе ако работата во тоа време би им оневозможила одмор од најмалку седум часа во времето меѓу 22,00 часот и 5,00 часот наредниот ден. По исклучок ќе и се дозволи на работничка да работи и ноќе доколку постои потреба работата да продолжи, а истата е прекината од виша сила или пак кога е потребно да се спречи настанување на одредени материјални штети.
Работниците кои работат ноќе барем три часа од својата редовна дневна работна обврска, односно работниците кои одработуваат ноќе третина од полното работно време од својата годишна работна обврска, имаат право на посебна заштита за ноќна работа. Ако работата се врши во смени, работодавачот е должен да обезбеди и периодично менување на работниците.
ПРАВИЛНО е да се смета дека работодавачот има обврска на свој трошок за работниците кои работат ноќе да обезбеди подолг одмор, храна, стручно раководство во производствениот процес и секако лекарски прегледи, пред нивно ангажирање во ноќна работа и во редовни временски периоди утврдени со закон.
ПОГРЕШНО е да се смета дека работодавачот смее да распореди на ноќна работа работници на кои им нема обезбедно услови за превоз до и од работа, напротив Законот за работни односи го забранува тоа.
Проф. д-р Лазар Јовевски

