ЕкономијаМакедонија

Ристески: Повисоки стандарди за заштита и безбедност за угостители

Министерството за економија и труд, заедно со сите останати министерства и државни институции, интензивно работат на ревизија на важечките прописи во форма на закони и правилници за работа. Целта е да се воведат поригорозни и повисоки критериуми за заштита и сигурност за сите правни и физички лица кои имаат намера да се занимаваат со угостителска дејност.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска на конференцијата на тема „Заштита на објекти од пожар и претставување на работата на техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46“, што се одржува во Стопанската комора, нагласи дека: „Ќе се зголеми координацијата меѓу институциите и ќе се зајакнат контролите и механизмите на државата“.

Според него, покрај презентацијата на активностите и работата на техничкиот комитет при Институтот за стандардизација на Македонија, целта на настанот е и „зголемување на свеста кај стручната и поширката јавност за значењето на примената на стандардите и нивната улога во законските и потзаконските акти поврзани со заштита од пожар, како суштински сегмент во процес на проектирање и градење“. Тој додаде дека оваа тема е од огромна важност и, за жал, претставува болна и актуелна проблематика во нашата држава.

Ристески истакна: „Изминативе неколку години сме сведоци на големи трагедии кои се предизвикани токму од недостиг на спроведување стандарди за безбедност и заштита од пожари. Овие трагедии беа резултат на законски нормативи полни со недоречености, недостиг на контролни механизми за спроведување на постојните пропишани регулативи и стандарди за безбедност, лошата координираност на институциите, но и нискиот праг на стандарди за давање дозволи за работа во дејности или објекти“.

Конференцијата е организирана од Институтот за стандардизација и Техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46, во соработка со Комората на овластени архитекти и инженери, Стопанска комора на Северна Македонија, Техноинспект, Кнауф, Адинг и други партнери.

На почетокот на конференцијата беше оддадена почит со едноминутно молчење за жртвите од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.