„Родени во Македонија да населиме туѓа земја“
Животот станува се поскап. Ова е нешто што го знаеме сите, го зборуваме постојано, но никако не допира до оние на власт. Барем, тоа е моето мислење.
Скапо, неиздржливо
Цените растат, производите поскапуваат. Трошоците за живот во јануари зголемени. Според Државниот завод за статистика зголемување на цените имало кај:
- Кафето, чајот и какаото за 4,3 проценти;
- Рибата и морските плодови – 3,5 проценти;
- Свежото овошје за 3,4 проценти.
Зголемување на цените имало и кај газираните пијалаци, соковите, шеќерот, медот и чоколадото.
Централното греење било поскапо за 14 %, а електричната енергија за домаќинства 9,4 %. За греењето не можам да кажам, но поскапата струја ја почувствував и на моја кожа, како многу други во државата.
Поскапе и превозот, и тоа без никаква најава, за 15 до 20 %. Најскап е билетот од Скопје до Охрид, но и од и до другите подалечни градови.
Минималната плата порасна на 18,000 денари. Сепак, како што ми се чини, оние 80,000 работници коишто ќе го примаат овој износ, нема да имаат потешко ќесе. Во тоа кај нас лежи и проблемот. Платите растат за одредена сума, но цените на производите и основните трошоци го впиваат растот.
Ќе биде тешко и за оние коишто се приматели на медијална (средна) плата од околу 21,000 денари. И тие ќе треба да „крпат“ за да успеат да го преживеат месецот.
Родени тука да населиме друга земја
Знаете, некогаш на ум ми паѓа прашањето: „Што барам јас овде, во оваа земја?“ Одговор не можам да најдам. Не гледам ништо што може да ме задржи тука. Баш ништо. Верувам дека истото прашање си го поставуваат многумина граѓани. Денеска слушнав дека некој човек на четириесет и неколку години, си го зел семејството и заминал во Германија. До душа, не се изненадив, но ми паѓа криво. Изгледа, ние овде сме се родиле само за да населиме друга земја. Мислам дека сите деца кои ќе се раѓаат, исто така ќе се родат за кога ќе пораснат да се преселат во друга земја. Согледувајќи ја целата ситуација, немам што друго да помислам и оттаму да кажам.
Жал ми е што не можеме да создадеме свој живот во државата во којашто сме се родиле. Принудени сме своите гнезда да ги градиме некаде далеку. Што да правиме, на никој не му е гајле. Да му беше, немаше да бидеме во ваква ситуација.
Факт е и дека сме задолжени до глава. Излезе податок дека државата го задолжила секој граѓанин по 1,600 евра. Наместо да сме толку задолжени, требаше толкава плата да земаме.
Во многу наврати кажав, ќе кажам и сега – оној којшто е снаодлив, кој има вештини и знаења, ќе се снајде. Ќе успее, но не тука, туку некаде далеку.

