Се одржа чествувањето на Илинден во Смилево
Во славно и револуционерно село Смилево, денес, се одбележа големиот национален и православен празник „Илинден“.
Свеченостите започнаа со положување цвеќе и оддавање на почит со поклонување на могилата на великанот и обелискот на смилевските илинденци, Даме Груев, а потоа и во спомен паркот во месноста Умалишта, покрај споменикот на Даме Груев, од страна на општинска делегација предводена од градоначалникот Никола Најдовски, владина делегација предводена од Министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, преставници од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, делегација од Собранието на РСМ, предводена од пратеничката Марија Кочовска, членови при Советот на Општина Демир Хисар, како и граѓани од соседните градови, политички партии, јавни претпријатија и установи, здруженија на граѓани, претставници од Армијата на Република Северна Македонија, Општинскиот одбор на сојузот на борци од Демир Хисар и други. А, согласно утврден општински протокол за одбележување на државни празници, општинската и државната делегација го посетија и меморијалниот музеј во Смилево.
Илинден е величието на нациналната свест. Илинден е празник на сите. Овие датуми во сите нас носат и пренесуваат силни спомени коишто будат патриотизам и голема гордост. Тоа е денот кога македонскиот роб излегол на решителен двобој и како таков, овој ден претставува олицетворение, остварување и израз на револуционерата свест која во релативно краток период во народот ја подигнале апостолите на македонското револуционерно дело, какви што биле: Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и многу други. Тоа секако не значи дека македонскиот народ не бил свесен за својата подредена положба и дека немал природен и стихиен стремеж за правда и слобода.
Централната општинска церемонија за одбележување на Денот на Републиката – со кои, достоинствено, се одбележаа 119 години Илинден, 80 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот Партизански одред „Даме Груев“ – ослободување на Смилево и 78 години АСНОМ, се одржа во спомен паркот на Даме Груев, на местото Умалишта.
На присутните им се обрати Министерката за култура во Владата на РСМ, Бисера Костадиновска – Стојчевска, Ристо Груевски, претседател на здружението „Даме Груев” и градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски.
Најдовски, во своето излагање истакна дека, Општината Демир Хисар и нејзините граѓани ги краси големо и срдечно гостопримство. Низ духот на времето што минувало, одовде провеале имиња на значајни говорници, културни дејци и храбри револуционери чиишто дела оставиле траен белег во македонската историја. Локалната самоуправа преку најразлични активности, пред сѐ, активности од културолошки карактер, прави сѐ нивните имиња да останат трајно запишани во колективната свест на локалното население, па и пошироко.
– Во овие нови предизвикувачки моменти за татковината, повеќе од потребно е да се обединиме на секое духовно и интелектуално поле. Само со заедничко моќно и народно единство, ќе можеме да го зачуваме аманетот на нашите предци и да гледаме исправено кон нејзината иднина.
Затоа да ги запреме поделбите и да се обединиме внатрешно за да можеме да се пробиваме во европски, но и светски рамки. Да ја градиме нашата земја како граѓанска држава, која ќе биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници. Ние сме мозаик од култури, традиции и вредности – сите заедно правиме уникатен мозаик кој ја гарантира нашата извесна убава иднина. Да се обединиме со сите кои живеат и се вложуваат денес, за сите да имаме утре. Ние имаме заедничка обврска да креираме и обезбедиме иднината, заради подобар живот на сите граѓани и генерациите кои доаѓаат после нас. Нека е за многу години Илинден и да ни е жива Република Македонија, рече Најдовски.
Нашиот прекрасен фолклор и чудесен мелос се израз на македонската битност и македонската духовна култура, коишто јасно ја издвојуваат македонската нација како посебна. Свеченостите беа збогатена со културно – уметнички програма, приреден од страна на КУД „Илинден“ од Демир Хисар и КУД „Илинден“ од Битола, а веднаш потоа следуваше и музички перформанс од страна на групата „Еснаф“.
На крајот од свечениот дел градоначалникот Никола Најдовски, им додели благодарници на годинашните учесници – организатори на „Илинденскиот планинарски марш“, традиционално во чест на празникот.

