Колумни

Сигурно им олесни – Ништо од растот на минималната плата

Бобан Илијевски

Минималната плата нема да се зголеми на 18,000 денари како што вети Заев. Работниците уште еднаш добија само празно ветување, а такви добиват веќе триесет години.

Залудно се отворија и дебатите за тоа што би донело зголемувањето на минималната плата. Работодавачите постојано велеа дека доколку се зголеми, ќе бидат принудени да отпуштаат работници и да затвораат фабрики. Претпоставувам дека поради последниве случувања им олесни на душата. Уште повеќе им олесни на оние робовладетели од газди кои и онака на своите вработени не им исплаќаат законски загарантирана минимална плата и на истите им вршат огромна експлоатација на нивниот труд.

Мака ми е веќе да пишувам за ова, но морам, едноставно не можам да го заобиколам – наместо правата од работен однос да напредуваат, тие се уназадуваат. Срамота е да се исплаќаат толку ниски плати, да не се овозможуваат пристојни работни услови… во 21 век, кога речиси сите држави се стремат кон тоа да овозможат регулативи за да се унапредат работничките права. За пример ќе ја земам Хрватска, која дојде до тоа ниво, да креира политики во насока на унапредување на правата на вработените во дигиталните платформи, а Во Македонија, се уште разговараме за обезбедување на соодветни работни услови.

До кога ќе тапкаме во место никој не знае. Се надевам дека тоа нема да биде така уште долго, со оглед на тоа дека губиме се повеќе и повеќе високо квалификувани млади луѓе кои заминуваат надвор од Македонија, токму поради тоа што стагнираме во речиси сите аспекти. Мора да се земе во предвид дека Македонија ќе има уште поголеми проблеми со турбуленциите кои се случуваат на пазарот на труд во светски рамки коишто ги предизвика пандемијата на вирусот Ковид – 19. За да биде појасно, се поголем број на вработени даваат откази од своите работни места и тоа од две базични причини: поради прегорување на работното место (burnout) или поради незадоволството од моменталната работа. Би рекол дека уште една причина поради којашто се случува сето ова е и се поголемата желба на работниците да поминуваат повеќе време со своите најблиски и со тоа бараат работодавачите да им овозможат да работат од дома или пак да работат неколку дена од дома, а неколку од канцеларија.

Можеме да мислиме дека сето ова е далеку од нас, бидејќи не сме земја со развиен трудов систем, но на овој или оној начин и Македонија ќе биде погодена од постпандемиското “реновирање” на пазарот на труд.